Премини на содржината ↓

Богдан Баџуков

16 August 2024

континуирано полемизира

Првите сеќавања од Богдан ми се од неговото видео и од третиот круг, кога за првпат можев да поврзам ликови со гласови од снимките што ги оценував. Сега, веќе примен на UWC SEA, Богдан сѐ уште ми остава ист впечаток – има ставови на широк спектар од теми и подготвен е континуирано да ги развива истите. Кога зборувавме на зум, кај него во Скопје имаше бура. Контрастот помеѓу она што се случуваше надвор и како Богдан се искажуваше беше многу евидентен за мене – надвор гласно и хаотично, а тој смирен и прибран. Разговорите не беа бесмислени, туку напротив, веднаш се фативме за работа и дискутиравме на важни теми.

Ако го прашате Богдан што му е најважно од поглед на личен напредок, би ви рекол дека секогаш се труди да биде отворен за нови искуства и разговори, а при тоа и многу му е важно самоизразувањето. Обично со тоа се мисли на стил на облекување, творење, начин на изразување, но за него значи повеќе од тоа. Самоизразување, според Богдан, вклучува активизам, присуство на настани, активно слушање на луѓе и теми кои ти се важни, а и изборот да се изложиш на одредени типови уметност. Мене многу ми се допаѓа овој пристап на дефинирање, бидејќи, како што вели Богдан, не ги ограничува луѓето и работите во рамки, туку остава простор за послободно, лично изразување.

За него, ова вклучува места и настани кадешто може да си го искаже мислењето на некоја тема и проблеми што му се важни, но и кадешто може да учи од други и да ужива со луѓето околу него – протести, театарски претстави, а и обични дружења со различни друштва.

Богдан вели дека е секогаш расположен за дебати и дискусии. „Секогаш критикувам, сам себе и сѐ околу мене – очекувам перфекција или блиску до тоа.“ – рече Богдан. Многу го нервира кога активистички движења се поврзуваат со стереотипи за луѓето кои се залагаат за тоа движење, бидејќи на овој начин се создава нереална слика дека сите кои се поврзани со тоа движење треба да изгледаат и да се однесуваат слично. Како што вели тој, таквите работи резултираат со стигматизирање на движења или водат луѓе кон откажување од активизмот. Освен поголеми движења, Богдан критички размислува и за локални и лични проблеми – лесно одвојува работи со коишто се соочуваат неговите врсници на училиште и како можат истите да се подобрат. Сепак неговите критики не се искажани напразно, туку секогаш се обидува да најде алтернативни решенија за проблемите што ги идентификува.

На малку поедноставна тема, Богдан го сподели неговото омилено место за дружење – кровот на ГТЦ, ама навечер кога е потивко и потемно. Тогаш погледот кон Водно и околината бил најубав, кога работите се осветлени и ти прават, како што тој вели „да се чувствуваш некако“. Повторно ми текна на контрастот што го споменав на почетокот на текстот. Богдан, на најпозитивен начин, има бура во себе – секогаш размислува за нешто, полемизира, се стреми кон перфекција – што води кон неговата стабилност и зрелост однадвор, бидејќи сѐ што ќе сподели веќе го има внимателно размислено. 

Јана Кралева
Август, 2024