Премини на содржината ↓

Стефан Гајдов

17 August 2024

ги користи дадените шанси

„Човек што секогаш си ја искористува шансата“ – вака Стефан се опишува себеси. Аплицирањето на UWC е мал пример за како тој го манифестира тој опис во секојдневниот живот – уште во едното од интервјуата ми кажа „ако не ме изберете сега, пак ќе аплицирам следната година“. По сѐ што научив за него, ќе се обидам да го преточам Стефан во текстуален формат, надевајќи се дека веднаш ќе се сложите со него и со мене.

Стефан сака да се обиде во сѐ – од најмали години има пробано тренинзи во повеќе спортови како карате, пливање, тенис, атлетика, па и хип-хоп танцување. Сепак, омилен спорт му е скијање… кога скија сам. Ова не е нешто што е карактеристично за Стефан ако ги погледнеме другите активности што ги практикува, но скијањето му дава шанса да се опушти и да ужива во негови рути и по негови услови. Дури и кога не е сигурен дали ќе ужива во нови искуства, многу му е важно во иднината да не се покае за работи што не ги направил. Овој муабет беше поддржан со искуство од Австрија, каде Стефан учествуваше на UWC краток курс. Веројатно на мајка му тоа ѝ е една од најнеомилените негови авантури – пливање во глечер (или ледник ептен по нашки, па самиот збор ви кажува колку било ладно). Настинката што поминала брзо е помалку важна отколку искуството и пријателствата што ќе ги памети засекогаш.

Иако не е главна тема на разговор, музиката му е многу важна на Стефан. Од мал посетувал часови за нижо музичко во Луј, каде почнал со клавир и пеење. „Не е дека имам толку развиен вкус на музика“ – скромно рече Стефан – „ама многу сакам да пеам – си правам смутиња во кујна и ме слушаат по дома.“ После завршување на нижото музичко, Стефан почнал да се учи да свири гитара. Класичната музика му се допаѓа, ама во последно време почнал да свири џез. Мислам дека џезот одлично се вклопува во карактерот на Стефан – можам да замислам колку упорност треба за да се учат џез песни.

Нешто што ми остави силен впечаток е енергијата и посветеноста што тој ја има. Ова се гледа и во неговото секојдневие, но и во мали моменти во разговор. Обратно од тоа како би се опишал самиот себе, за мене Стефан е супер муабетџија. Кога одговараше на прашања низ селекцискиот процес и во нашите неформални разговори, секогаш наоѓаше оригинален начин да го одржи муабетот, дали со интересни факти или препораки за сѐ и сешто – никогаш да не ти е досадно. Особено кога зборува за нешто што му е драго или нешто во коешто вложил многу труд, лицето на Стефан се осветлува и говори со насмевка. Кога го прашавме за неговото видео за третиот круг, веднаш почна да ни раскажува за процесот на размислување – „сакав да покажува дека сите авантури и приказни од минатото те прават она што си, па така ја добив идејата со CD-то како веќе застарен концепт, да зборува за она што било досега и како сум се развил во сегашниот Стефан.“ Со секоја реченица тој отвора простор да сакаш да го прашаш повеќе за неговите искуства, за да го запознаеш уште подобро.

Стефан е извор на позитива и сигурна сум дека ќе се вклопи во околината на UWC Adriatic – му претстојат уште многу шанси за авантури што тој несомнено ќе ги зграпчи.

Јана Кралева
Август, 2024