Андреј Цветаноски
го знае Скопје
Летово, како припрема за посетата на Скопје од друштво на странци, размислував како еден град си го формира идентитетот. Скопје, низ својата историја, има поминато повеќе периоди на градење сопствен идентитет -- како резултат на земјотресот во 63та, поскорешниот проект Скопје 2014, но и обидите на група млади да изградат убав град.
Андреј не се гледал себеси како човек што ќе учи во далечно странство. Ми има смисла: приврзан е за Скопје (“многу го сакам родното место!“) -- за историјата, за дружбите и, највеќе, за можноста за разубавување. Ако се прошетате низ некои од уличките на Скопје, можно е да видите резултати на уметничките потфати на Андреј и неговото друштво.
Графити-сцената во Скопје е составена од група уметници кои уживаат во шансата да произведат нешто што секој може да го види. Целта им е да ја разбијат монотонијата на градот. Алатките им се бои и креативна визија. Резултатот: помалку ѕидови кои стојат без никаква порака.
Нормално, не сите се согласуваат со ваквата самоиницијативна креативност (сепак, обично станува збор за јавни места!). Но Андреј смета дека овој вид на визуелна уметност е консистентен со пошироките обиди од најразлични уметници да се цени родниот град, без разлика на неговите маани. Видеото кое Андреј ни го прати пред третиот круг немаше единечна приказна. Напротив, вклучуваше кратки сцени низ улиците на Скопје, придружени од екот на „Староградска 2“ -- песна од скопската рап група Зад Аголот. Изборот на песна не беше случаен: целта беше да ги пласира активностите од видеото во контекстот на музичката (и уметничката!) историја на градот.
Освен графитите и музиката, Андреј е посветен и на филмографијата. Уште во основно покажал интерес за правење видеа, а годинава имаше шанса да снима филм за да го претстави училиштето. Со екипа од повеќе од 10 луѓе -- режисер, сценограф, глумци -- Андреј произведе и краткометражен филм. Темата на филмот? Секојдневните проблеми на млад новодојденец во Скопје :)
Тешко е кога дете кое е толку интегрирано во својата средина станува дел од UWC. Особено е тешко кога колеџот е толку далеку -- UWC Li Po Chun во Хонгконг. Андреј го имаше рангирано на 15-то место на листата преференци заради далечината од Скопје. Ама Андреј не сака да ги пропушти можностите кои колеџот ги пружа: сериозно образование во визуелна уметност, шанса да искуси еден нов, многу поголем град, и запознавање со луѓе од целиот свет.
Скопје и Хонгконг се различни градови, да. Но Андреј веќе има придонесено кон идентитетот на Скопје -- сега останува да остави белег и на Хонгконг.
Бобо Станковиќ
Јули, 2024