Викторија Поповска
и отвореноста кон нови искуства
„Зошто да се насочам?“
Тоа е прашањето кое Викторија ми го поставува секојпат кога зачудено ја прашувам како успева да ги одржи сите нејзини интереси. Поентата ѝ е: може – и треба! – да пробаш нови работи дури и ако не си најдобар во нив. „Јас играм фудбал иако не сакам да бидам фудбалер. Луѓе пеат на караоке без вокален тренинг.“ Зошто една средношколка истовремено да не биде сликар, бизнис-лидер, лингвист и климатски научник?
Викторија е ликовен уметник, со портфолио цртежи кои ќе ги видите на изложба во галерија, во училиште, или барем на ѕидот од собата од која се приклучува на Зум повици. Но не секое дело мора да биде идеално – напротив, најмногу има научено од делата за кои добила критики. „Не знам зошто не охрабруваме деца да цртаат за задоволство, бидеќи така се развива желба да се заинтересираш за уметност.“ Во потрага по такво задоволство, посетува галерии и со друштвото го дебатира класичното прашање: што сакал уметников да ни каже?
Кога не е во галерија, Викторија (со друго друштво) развива ученичка компанија за производ кој полни мобилни телефони користејќи ја топлинската енергија од една чаша кафе или чај. Во последните неколку месеци имаат значителен напредок: чекаат да го патентираат нивното решение, и веќе имаат добиено неколку награди на претприемачки натпревари. Но и покрај нивниот успех, се присеќа на моментите кога не им одело: пред неколку месеци држеле презентација од паркингот пред ГТЦ заради евакуација во Корчагин.
Истовремено – и неповрзано со другите интереси – Викторија учи кинески. Почнала заради другар чиј татко дошол од Кина во Македонија, но јазикот толку ѝ се допаднал што сега зема часови. Веќе е стигната до ниво каде може да прави лесен муабет („Еднаш месечно имаме повици на англиско-кинески и сега можеме дури и да оговараме. Не го ставај ова во профилот“). Среќна е што веќе има запознаено деца со кои на UWC ќе продолжи да го вежба јазикот.
Но ниту едно од овие полиња веројатно нема да биде нејзината идна кариера. Академски, Викторија е заинтересирана за хемија – особено хемијата на животната средина. На UWC Пирсон, таа ќе биде дел од новата програма за климатски активизам и лидерство. Низ неа, ќе има шанса да учи предмети како хемија и билогија, но и да слуша предавања од домородни старешини од регионот во западна Канада. Но пред воопшто да знаеше за UWC, Викторија често рециклираше хартија. Не, не мислам „ја фрлаше хартијата во корпи за рециклирање“, туку „користените листови хартија самостојно ги рециклираше и претвараше во нова хартија“. Сама! Дома!
И така се навраќаме на централната нишка низ нашиот разговор: не можеш да знаеш што ќе ти се допаѓа, или во што ќе пронајдеш талент, ако не се обидеш. Па, иако е тешко да се предвиди како ќе изгледа UWC искуството на учениците кои ги праќаме, за едно нешто сум прилично сигурен: Викторија ќе испроба барем 70% од активностите кои колеџот ќе ѝ ги понуди.
Јули, 2023
Бобо Станковиќ