Премини на содржината ↓

Оља Ефтимова

23 July 2023

Фенерот што го осветлува и најневидливото мастило

Пет месеци по селекцискиот процес, а три откако пиевме кафе пролетоска, Оља ми се виде доста поинаква на ориентацискиот камп летово. Ми требаше време да сфатам зошто таков екстроверт како неа би молчел на повеќето групни сесии, иако знаев дека има толку многу да каже. И тогаш ми текна. За разлика од нејзината најдобра другарка Миа (извини Миа, те сакаме!), Оља не сака да биде во центарот на вниманието. Оља е кралица на брзите пецкања, господарка на зезанциите. Што и да направи некој околу неа, таа му додава боја. Таа е фенерот што го осветлува и најневидливото мастило.

Секој разговор со Оља е доживување. Кога вели дека не можела да биде своја за време на пандемијата, ѝ верувам 100%: Оља комуницира со секој атом од своето битие. Постојано или мрда со веѓите, или прави афирмативни гестикулации со показалецот, или се чука со прст по слепоочница како во она мемето. Oља е полувозрасна верзија на дете-гњавкало, кое сепак не можеш да не го сакаш, и на кое не му е проблем да ѝ каже на својата најдобра другарка пред 20+ луѓе дека, да, понекогаш знае да биде злобна.

Но, најважно од се’, Оља никогаш не заборава да си се изнасмее. Мојот прв спомен од повеќето апликанти е нешто што го кажале на интервју. Мојот прв спомен од Оља, и покрај нејзиното лудачки добро интервју, е како се гази од смеење додека нејзината група се мачи да смисли како да распредели хипотетички места на UWC помеѓу различни држави во светот. Ова не значи дека Оља не беше мотивирана да влезе на UWC. Не, ова само значи дека човек како Оља не би ни можел да влезе на UWC доколку притоа не се забавува.

Кога зборуваш со Оља, добиваш уникатно чувство на апсолутна мистерија за тоа што ќе се случи следно. Во последната рунда од селекциите, ја прашавме дали има некое непопуларно мислење. За разлика од повеќето апликанти, кои се расприкажуваа за тоа како нивните либерални ставови се несфатени во македонското општество, Оља одлучи да... брани ТВ-емисии во кои луѓе се запознаваат и одат на рандевуа!? (Одговорот не беше воопшто лош: ги искритикува луѓето кои поддржуваат мобилни апликации за рандевуа, а се противат на ваквите емисии, иако тие се поконтролирани, а со тоа и побезбедни.)

Откаченоста на Оља доаѓа до израз и во нејзиното разбирање на UWC. “Koга ми кажавте дека ќе одам“, се потсетува, „беа останати само колеџите во Мостар и Танзанија. Се молев да ми падне Танзанија! Па има ли подобар момент да одам во Африка, да ги видам мајмуните, да одам на сафари!!??“. Претходно во текот на процесот, кога нејзините ја молеле да ги рангира поблиските (географски, но и културолошки) колеџи повисоко на листата на преференци, Оља гледала видеа за тоа како на колеџот во Ерменија полеваат цвеќиња со дожд...

Секако, како и во животот на сите нас, така и во животот на Оља не е сe’ за смешкање. Не сакам да завршам на негативна нота, но Оља ме потсетува на она клише за тоа како луѓето кои зрачат топлина кон светот мораат да ја впијат неговата студеност. Оља знае дека нејзиниот сарказам лесно може да биде сфатен погрешно, можеби особено во интеркултурен меур како UWC. И покрај нејзината самоуверена смисла за хумор, не и’ e баш сеедно како ја доживуваат другите луѓе. На пример, како дете, одела на театар. Кога имала пет години, глумела во претстава и публиката од некоја причина и’ се смеела, а таа го сфатила тоа како потсмев. Се засрамила дотолку што засекогаш престанала со ова хоби кое многу го сакала.

Оља можеби нема да биде најпопуларното дете на колеџот во Танзанија, но ќе биде обожавана од сите кои ќе го донесат правилниот избор да ја пуштат во своите срца. Можам само да ја охрабрам да остане своја и да ја претставува македонската/балканската култура во својот полн подбивачки раскош, но и да не заборави дека нејзиниот уникатен хумор извира од позиција на емпатија, радост, и најважно од се’, љубов кон животот.

Веќе го слушам нејзиното заразно смеење низ тревниците на колеџот во Танзанија.

 

Кристијан Фидановски, јули 2023