Премини на содржината ↓

Мила Толова

1 August 2023

и интровертната екстровертност

Или екстровертната интровертност? Зборувавме на кратко за тоа што значи да се биде едното или другото. Понекогаш ми е тешко да го проценам нивото на интровертност кај Мила. Таа за неа вели дека е генерално интровертна личност, но се охрабрува себеси да биде поекстровертна. Сме поставувале прашања околу тоа и во претходни селекциски години, па во нашиот неформален разговор, не можев, а да не ја прашам дали мисли дека за да успешно се интегрира во нови средини како UWC, човек мора да е екстровертен. На тоа Мила ми одговори – „Не, воопшто. Мислам дека нема врска, само е важно да знаеш да комуницираш и да се изразиш.“

Повторно се навративме на фактот што се обидува да е поекстровертна. Ме заинтересира зошто го прави тој избор, особено кога смета дека не е од голема важност да е екстровертна. Мила едноставно постојано наоѓа начини да излезе од нејзината комфортна зона и да избега од статус кво. 

Најмногу со ова и’ помогнале Еразмус проекти, на коишто запознавајќи луѓе „од нула“ во мултикултурна средина и’ олеснило да зборува повеќе и погласно. Токму преку овие проекти сфатила дека одлично функционира во такви средини – и’ даваат шанса за лична надоградба преку нови предизвици. Во споредба со тоа, малите средини не и’ дозволуваат да го зголемува потенцијалот. Како врснички „лидер’, претседател на нејзиниот клас, Мила е критична за образованието во Македонија, и конкретно во помалите места. „Бев поинтровертна порано, ама мислам дека и средното училиште ме смени – почнав да се соочувам со незгодни ситуации, наместо да бегам од нив.“ – рече Мила. Многу и’ смета тоа што професорите и учениците немаат поблизок однос и тоа што образованието се сведува на меморизирање и бројки. Како претседател, Мила ги поттикнувала соучениците да размислуваат за тоа како да го подобрат образовниот процес на локално ниво. Тоа е долг процес, па се надеваме дека идни генерации после Мила исто толку сериозно ќе се посветат на таа дејност.

Мила ги почитува и негува семејните традиции. Ова го забележав уште во нејзиното видео од третиот круг во кое беше вклучено нејзиното семејство. Кога ја запознав во присуство на нејзините родители и самата видов колку радосно ги вклучува во нејзиното секојдневие.
Многу соседи и роднини ја опишуваат Мила како „Добричица“. Овој опис доаѓа од фактот што постојано помага на луѓето во нејзината околина, без да очекува нешто за возврат. Навистина само еднаш го спомна тоа за време на селекцискиот процес, но мене ми остана врежано во мислите. Мислам дека тоа е навистина добар збор да се опише Мила. 

На MUWCI и’ посакувам многу убави моменти и предизвици што ќе ја поттикнат да се надоградува како и досега. Како екстроверт или како интроверт – сигурна сум дека Мила ќе нема проблеми да се реализира во новата средина.


Јана Кралева
јули 2023