Премини на содржината ↓

Марија Колевска

27 July 2023

тивок извор на бескрајна емпатија

Ова веќе стана клише, но апсолутно е точно дека сите наши ученици се позрели од своите врсници. А сепак, од сите единаесет годинава, мислам дека Марија е онаа за која сум најмалку загрижен дека не би можела да спие навечер откако еден ден годинава ќе сфати дека сега веќе живее стотици километри од дома.

Не го кажувам ова како комплимент (иако е), туку како факт: Марија зборува и се однесува како возрасен. Не дозволувајте да ве залаже нејзиниот шармантно детинест глас! Последните неколку години, животот баш и не ја галел. Нејзините родители работеле многу и тешко ја поминале пандемијата. Па и ние не сме ѝ помогнале баш: не можевме да ѝ понудиме место кога првпат аплицираше во 2021-22, иако се покажа ептен солидно. Дури и кога годинава ја селектиравме (откако се покажа феноменално!), поради ограничените места, моравме да ѝ го понудиме нејзиниот дури 14-ти избор: колеџот во Хонгконг.

Меѓутоа, Марија реагира на ваквите моменти грациозно и... епа... како возрасен! „99% од луѓето кои сум ги сретнала во животот ми биле испратени како лекции“, размислува Марија. За време на ковид-карантините, Марија одбила да остане негативна и ги искористила за да се подобри себеси преку читање мотивациски книги. Благодарна ни е за можноста да оди на UWC и е повеќе од задоволна со колеџот во Хонгконг. Фантазирајќи за своето UWC искуство, помирена е со фактот дека ништо во животот не е сигурно. „Дури и да отидев на UWC колеџ кој нуди информатика, пак на крај можеби ќе одлучев да не студирам информатика на факултет. Сега, во Хонгконг, ќе слушам математика и физика, но и бизнис и економија, бидејќи којзнае што ќе ме заинтересира на крај!“

Сигурен сум дека во претстојните години ќе ја запознаам Марија уште подобро, но не знам дали може да направи нешто што ќе ги надмине двата многу драги спомени што веќе ги имам од неа. Првиот датира од групната активност од нашата втора селекциска рунда во јануари. Додека преместував некои торби од едно место на друго, се загледав во апликантите кои седеа на најблиската маса. Еден си ги грицкаше ноктите, други двајца си разговараа како јас да не сум во собата, четвртиот гледаше празно во подот. И тогаш блескавите очи на Марија ми влегоа во видно поле. „Да не Ви треба помош со торбите“, ме праша. Тоа е еден од оние моменти кога ти доаѓа да ја прекинеш селекцијата и да кажеш „ОК, девојчево одма да го примиме“... само уште да не ми персираше 😊 

Не сум сигурен дали треба да го споделам мојот втор спомен, бидејќи не ги претставува другите наши ученици во најдобро светло, ама па толку ги испофаливме во профиливе што мислам дека е ОК. На ориентацискиот камп во Охрид, иако зборував детално со сите нив, Марија беше една од само двајца (заедно со Викторија) кои ми возвратија на прашањата и кои ги интересираше како јас си го поминувам летото. Подготовките за UWC се еден толку сеобземачки животен настан што мислам дека можам да им простам на останатите за преокупираноста со себеси, но капа доле на Марија за нејзиното безмалку вградено чувство на емпатија.

А, не знам дали спомнав дека Марија е дел од UWC уште од минатото лето? Еден од нејзините најсилни спомени од летниот курс во Германија минатото лето ѝ e искуството со ученик од Либан, кој зборувал отворено за стравот дека неговиот дом може во секој момент да биде бомбардиран. Марија со нејзиното чисто срце не може да разбере зошто луѓето во Македонија, за разлика од ученикот од Либан, толку не сакаат да споделуваат чувства. „Луѓе сме, а се преправаме дека не сме“, вели таа.

Знам дека Марија ќе помине две преубави години на UWC во Хонконг. Уште повеќе им љубоморам на нејзините соученици и на сите оние кои допрва ќе бидат допрени од нејзината емпатија.

 

Кристијан Фидановски, јули 2023