Горазд Гајдов
и натпреварувачкиот дух
Во добар дел од популарните серии со кои израснав, центарот на акција е друштво чие пријателство е доволно хаотично да создаде содржина за стотина епизоди. Ги имате гледано друштвава – во Friends, во How I Met Your Mother, во Community, и слично.
Приказнава е за Горазд Гајдов, член на едно такво друштво. Горазд, Марко, Стефан и Мате се четворица Скопјани, средношколци во Георги, кои израснале – и сѐ уште раснат – заедно. Се шетаат се низ Капиштец и Водно и се посетуваат по дома. Си помагаат со домашните задачи, па пред некој ден ја средувале градината на мајката на Марко (Горазд ја косел тревата). Деца (момци?) со долга историја на бељи и зезанции, на кои главна занимација им е да се натпреваруваат.
Се натпреваруваат во сѐ. Во склекови води Стефан, со 53 без пауза, па другите работат да го стигнат. „Јас 50 склека пред месец дена не можев ни да ги сонувам. Ама сега сум на 43“. (Инспириран од муабетов, јас проверив дали можам да стигнам до 50. Потврдено: не можам.) Натпреварите им почнале со не-толку-продуктивни активности, како видео игри, ама сега вклучуваат трчање, планинарење и музички инструменти.
Поентата на сите натпревари не е победа – или барем, не е само победа, иако победувањето е добар бонус. Поентата е меѓусебно да се мотивираат, за да научат нешто и да се подобрат. Затоа постојано се поттикнуваат кон нови цели. Лани, сфатиле дека не знаат многу за музичката сцена, па решиле еднаш неделно да имаат музички состанок на кој секој од нив ќе донесе по една песна од различен жанр што би сакал другите да ја чујат. Минатата недела на репертоар биле САФ, рап група од 1990-тите, која Горазд ми ја опиша како „стар македонски рап“ и ми направи мала криза.
На некој начин, Горазд најмногу се натпреварува самиот со себе. Кога тренирал мечување, гледал да си ја подобри техниката – наместо да цели да ги боцне противниците само во рацете, сакал да го прошири опсегот на напад. Кога чита, често бира книги за себеподобрување во стилот на Атомски навики на Џејмс Клир. Кога ја фаќа гитарата, цели да научи нови мелодии – си зададе рок од уште 3 недели да ја научи Капричо Арабе од Франциско Тарега. Секоја активност му дава можност да се подобри.
Пред последното интервју, им бараме на финалистите да ни испратат видео наречено „Ова сум јас“. Видеото на Горазд има вкупно една сцена во која не е со другарите – а и во неа, камерманот е Мате. Можам да замислам дека одењето на UWC ќе ја наруши оваа динамика, па летово го користат за полека да се збогуваат. Планот е да се слушаат, нормално, еднаш неделно. Ама за секој случај, си имаат оставено цели: наредно лето, сакам да можеш ме тепаш во баскет, или сакам да можеш да истрчаш 5 километри во 20 минути. За Горазд, мојот предизвик е: наредно лето, сакам да се вратиш дома и да си помислиш „еј, види колку имам пораснато.“
Јули 2023,
Бобо Станковиќ