Бисера Анѓелков
и потрагата по оригинални идеи
Кога Бисера оди на театарска претстава, фаќа ментални белешки. Пробува да забележи кога режисерот намерно вклучил елемент за да нагласи дека нешто ќе се случи во иднината. Се прашува како глумците го менувале делото со секоја проба пред да стане завршен производ, спремен за публика. И потоа се враќа дома и се обидува, преку пишаниот збор, да го анализира тоа што го гледала и да го разјасни значењето.
На површина, ова се чекорите што ги следи секој рецензент. Но, овој процес е и примарниот начин на кој Бисера го осознава светот – не само за време на претстави, туку и во секојдневието. Сака да види „како некој дошол до идеја што ми се допаѓа бидејќи и јас би сакала да имам таква идеја некој ден“. Во потрага по тие идеи, Бисера глуми, режира, пишува и прави многу, многу муабет.
Додека многу 16-годишни средношколци (читај: Бобо во 2014-та) можеби и не знаат за сите културни настани што се случуваат околу нив, Бисера можете да ја видите на скоро секој настап низ Скопје – ми се придружи на Зум брзо по крајот на завршниот концерт на пријатели, ученици во Илија Николовски - Луј. Успева тоа да го постигне бидејќи брзо се спријателува: почнува муабет во автобус или на свирка во парк и оди на места каде знае дека ќе најде интересни соговорници. („Одиш во театар за да најдеш љубители на драмата. Одиш во МКЦ да најдеш музичари. Одиш во МОФ да запознаеш дебатери“.)
Откако ќе ја наполни банката на идеи, Бисера се враќа дома и почнува да размислува. Има три дневници: еден за критики и резенции, друг за животни мисли и трет за цртежи. Понекогаш ќе проба да создаде нешто оригинално, како некои од драматурзите кои највеќе ги цени. Досега, не е задоволна со нејзините дела. (За драма која ја напишала лани, имаше само да ми каже дека била “експериментална“ и “лошо испланирана“.) Но продолжува да се развива – во најмала рака, конзумирајќи ги скоро сите театарски, уметнички или музички дела во Скопје и наоколу – и стремејќи се кон оригинална идеја.
Ја прашав во кое поле најмногу се гледа во иднината. Вели можеби драматургија, но не е задоволна со работите што досега ги има напишано. Можеби глума, ама би сакала да создаде нешто ново, а не само да интерпретира туѓи дела. Можеби рецензија? Право? Не е сигурна, и не мора да биде. Има цели две години на UWC, каде планира да изучува литература, театар, и – ако ептен ја натераат – математика.
Бисера ќе биде првата ученичка испратена од македонскиот национален комитет која ќе биде дел од UWC Waterford Kamhlaba во Есватини, мала држава на југот на Африканскиот континент. Бидејќи колеџот се наоѓа во јужната хемисфера, наставата почнува во јануари, што на Бисера и дава едно цело полугодие да гледа претстави и слуша свирки. А потоа, ќе лета до Мбабане за едно вистински оригинално искуство.
Јули, 2023
Бобо Станковиќ