Гурра Алиу
знае да се адаптира
Еден начин да ја опишам Гурра е преку најмалите детали од нејзиниот живот – обожава нудли и еспресо, кучиња се нејзиниот најдобар пријател и се согласува со Стивен Хокинг дека вештачката интелигенција е егзистенцијална закана за човештвото. Друг начин е според нејзините страсти – 14 години била балерина, обожава да планинари со татко ѝ, се занимава со веб дизајн (дури и работи со делумно работно време) и создава уметност. Сепак, повеќедимензионалноста на Гурра бара попаметен пристап, бидејќи нејзините квалитети се втемелени во начинот на кој има напредувано низ животот. Дозволете да ви претставам:
На само 2 годинки, од нејзиниот прв час се заљубила во балетот, ценејќи дека е многу повеќе од едноставно телесни движења. Како “првата балерина во семејството”, се посветила на балетот, кој станал нејзина кариера. Низ годините, бројните постигнувања на меѓународни натпревари кулминирале со нејзината изведба како дел од светската премиера на “Клеопатра” од кореографот Васили Медведев. За жал, на 14 години Гурра се соочила со еден ненадеен инцидент и последователно ненадминлив предизвик – за време на еден од часовите, Гурра се слизнала и скршила стапалото. Откако била доведена во болница, лекарите ѝ укажале дека ѝ е потребна операција и нејзината кариера во балетот е загрозена. Дури ни бројните третмани не го промениле ова, и Гурра се нашла во емоционален ќор-сокак – загубена и одвоена од нејзината долгогодишна страст.
Во оваа точка испливуваат вистинските квалитети на Гурра – покрај огромното разочарување и тешкотиите, таа се испробала во различни полиња. Потребна ѝ била цел. Откако утврдила дека најдобро се пронаоѓа во информатиката, новиот почеток и овозможил да се посвети со истата желба и пасија кон изужување веб дизајн (front-end и back-end). Само година дена после почетокот, го владее полето и гради веб страници за клиенти, но позитивната промена се има прелеано и во други полиња – Гурра сега (на 16 години) работи како инструкторка за балет за мали девојчиња и има создадено своја невладина организација. Соединувајќи ги своите две главни страсти, Гурра има визија да создаде напредна интерактивна платформа за изучување на танц, што ми покажува како таа е една од ретките луѓе што наоѓаат совршен начин да ја претворат нивната необична приказна во општествена вредност.
Постојат многу имиња за квалитетите кои Гурра ги отелотворува преку нејзината адаптабилност: зрелост, храбост, визија, верба и безусловна истрајност. Не сум доволно добар писател за да го изберам правилното име; мое беше единствено да ви ги претставам доказите. Изобилство од такви докази ни претстојат и со нејзиното заминување на колеџот во Норвешка, кој е уште еден момент во нејзиното патешествие кој крие бескраен потенцијал.
Илија Личковски, август 2022