Премини на содржината ↓

Софија

9 July 2021

и стремежот кон подобро

Ако разлистате низ веб страната со работни места во Обединетите нации, ќе забележите дека бараат неколку чести карактеристики: освен суштинско познавање на некоја тема, од помош е да познавате јазик (или четири), убаво би било ако имате искуство во мултикултурни средини, и бонус поени ако сте полни иницијатива. Ако, во блиската иднина, ОН реши да нуди работни места на петнаесетгодишни средношколки, читајте го текстов како препорака за Софија Грибовски.

И детството на Софија делумно наликува на Обединетите Нации. Родена е и израсната во центарот на Скопје. Некаде во трето одделение, кога мајка ѝ ја известила дека се селат, Софија нормално прашала, каде, во Аеродром? Одговорот бил малку подалеку -- брзо потоа, семејството се сели во Алмати, Казахстан. Таму, Софија била ставена во училиште каде наставниот јазик бил руски, па морала да се снајде со мајчиниот македонски и англискиот што го научила од цртани филмови. Една година подоцна, баш кога почнала удобно да говори руски, повторно дошло до преселба. Овојпат дестинацијата била Пекинг, каде Софија живее последните шест години. (Нашиот Нацонален комитет секоја година се обидува да го промовира UWC на деца надвор од Скопје; со 7500 километри до Кина, се шегуваме дека обидите ни се очигледно многу успешни.)

Со оглед на мултикултурното детство -- досега, со неа имам разговарано на македонски, англиски, и мојот базичен кинески, ама слушам дека зборува и француски -- не е изненадување дека ја влече кариера при ОН. На нејзината прва конференција на Модел обединети нации (симулација на дебатите во вистинската организација), Софија се соочила со силна конкуренција. Се присеќа на постар делегат кој веројатно забележал дека била почетничка (започнала уште од седмо одделение), па често решавал да ѝ ги критикува идеите. Софи се сеќава на искуството не бидејќи е лута (напротив, уште се слуша со делегатот!), туку бидејќи ѝ покажало што треба да направи за да се подобри

И тоа не’ носи до централниот, мотивирачки фактор во животот на Софија. Свесна е дека нејзиното искуство е невообичаено, и решена е да не биде без полза. Гледам дека сум во привилегирана позиција -- колку луѓе никогаш не добиле ваква шанса? Затоа си велам, не можам да дозволам ова да биде залудно. Насред испитната сезона, Софи била голман во училишниот фудбалски тим (што, впрочем, не ѝ е ни омилениот спорт; таа исто така игра одбојка). Бранејќи слободен удар, ја скршила десната рака и сепак продолжила со испитите. (Без грижи, тимот победил 7-1.)

Ослонувајќи се на оваа непопустлива мотивација, Софија ќе оди во UWC Чангшу. Заради пандемијата, нејзиното искуство ќе биде доста необично: повеќето ученици од странство не можат да пристигнат на кампус, па бројот на ученици ќе биде помал во нејзината прва година. Сепак, како секогаш, Софија планира да го извади максимумот, а уверена е дека нејзината втора година ќе биде исто толку мултикултурна колку што UWC треба да биде. Во меѓувреме, ќе работи да се подобри. Планира да се фокусира на литературе и филозофија во наставната програм, со желба подоцна да студира право.

Има еден куп проблеми со кои светот -- а и Обединетите нации -- ќе треба да се соочи во претсојните децении. За тие обиди да бидат успешни, ќе бидат потребни многу талентирани и промислени идеалисти кои работат заедно. Не би бил зачуден ако, за некоја година, Софија е една од нив.
 

Бобо Станковиќ, јуни 2021