Премини на содржината ↓

Маја

9 July 2021

и како да се зборува гласно со тивок тон

Во својата апликација, Maja го искористи следниов цитат од Џон Кенеди: „денешниот 18-годишник е зрел како 25-годишник од генерацијата на неговиот дедо“. Не знам дали Кенеди навистина го кажал ова, ниту пак дали бил во право. Ама знам дека Маја е секако позрела од просечниот 25-годишник во својата генерација. Дали со овој цитат сакала нешто да ни порача

Не верувам дека е така, бидејќи Маја не би се фалела на ваков начин. Впрочем, таа јасно преферира да покажува, а не да кажува: нејзината зрелост веднаш се согледува од нејзините активности. Иако има само 17 години, таа веќе заработува дизајнирајќи логоа за компании. А да ја чуете како само зборува за општествената важност на видео-игрите. Она што за повеќето нејзини врсници е обична видео-игра, за Маја претставува потенцијална алатка за подобрување на менталното здравје, но и составен дел од образовниот систем на иднината

Секогаш кога ќе ја споменам нејзината неверојатна сестраност, на Маја ѝ станува непријатно, дури како да се засрамува. Во видеото кое го сними за нашиот селекциски процес, таа безмалку извинувајќи се ни кажа дека нејзините интереси се „далеку од кохезивни“. Во општество кое сака да ги става луѓето во калапи, еднаквиот талент на Маја во областа на науките и уметностите навистина штрчи. (Впрочем, таквиот баланс ја издвојува Маја дури и од нашите ученици и алумни, а особено од авторот на овој текст...)

Колку и да се восхитуваме на афинитетот на Маја кон техничките науки, она што ни ги освои срцата беше нејзината емоционална и уметничка страна. Речиси во секој разговор, Маја делува како вистински човечки сунѓер кој умее во целост да го впие сето она што го искусува, a потоа да му даде и своја посебна нишка. Додека повеќето тинејџери ги доживуваат своите браќа и сестри или како замаранти или (во најдобар случај) како партнери за правење бељи, Маја е потполно обземена од својот однос со помалиот брат. Секојдневната интеракција со него ја инспирирала да објави неколку илустрирани раскази за деца, чии наслови можете да ги видите на нејзиниот Линкдин профил. (Да... Маја има и Линкдин.)

Со својот низок раст и тивок глас, Маја веројатно не е првата личност што ќе ја забележите во поголема група, но честопати е личноста што ќе ја паметите најдолго. Од нејзиното мирно држење и трпеливо слушање додека некој друг зборува, човек може да си помисли дека е срамежлива. Но, кога таа зборува, нејзината бескрајна енергија сјае низ секој нејзин збор, веднаш заразувајќи го и соговорникот.

Во еден друг дел од нејзината апликација, Маја „патува“ во средниот век. Облечена во алишта од 21-виот век, таа сфаќа дека не смее да привлекува многу внимание за да не биде прогласена за вештерка. А бе Маја, си помислив додека читав, зарем е возможно ти да не привлечеш внимание некаде!? Почнувајќи со UWC Adriatic, Маја вели дека се стреми кон „подобар свет и подобро јас“. За првото, ѝ посакуваме среќа. За второто, ние не би менувале ништо.

 

Кристијан Фидановски, јуни 2021