Ивана
и радоста за туѓи успеси
При крајот на 2017-та година, Ивана отишла на аудиција за ТВ серија за деца-актери. Тогаш во седмо одделение, не можела да оди сама, па нејзиниот постар брат, Петар, се согласил да дојде со неа. Приказнава завршува со Ивана, на црвен тепих, плачејќи од радост.
Само, има мал пресврт. Ивана не ја добива улогата. Всушност, кастинг директорката го здогледала Петар, тогаш деветоодделенец кој само ја чекал сестра му, и одлучила дека тој ќе биде главниот лик во Фамилијата Марковски. И така стигаме до црвените теписи и солзите радосници.
Ивана ми ја раскажа приказнава, седејќи на клупа во парк, видливо зрачејќи со гордост за брат ѝ. Таа поврзаност со нејзините блиски е веднаш воочлива кај Ивана, која има навика да ги пренасочува моите прашања за да вклучи и други луѓе во одговорот. Едвај чека да тргне на колеџот во Мастрихт, особено бидејќи Филип е веќе таму. Мило ѝ е што била дел од селекцијата, а и дека Ана-Марија го добила местото во Хонгконг. Годинава учествувала на дебатен турнир, ама Марко навистина ја воодушевил со неговиот говор.
Текстов е -- или би требало да биде -- профил за Ивана, па можеби е малку чудно што спомнува толку многу други имиња. Но, невозможно е да се раскаже приказната на Ивана без да се прераскажат приказните на нејзините блиски; нејзиниот живот е испреплетен со нејзината заедница. Уште во основно училиште, Ивана се инволвира во Црвениот крст. Организира низа хуманитарни акции за соученици на кои им е потребна поддршка, и собира средства за цели како нова количка, за физикална терапија, и за хируршка интервенција. Со секој пример на кој ќе се присети, Ивана сјае со позитивната енергија, за која брзо разбрав дека е карактеристична за неа.
Уште од почетокот на школувањето, Ивана се сеќава дека наидувала на проблеми при читање. Кога требало да се чита на глас, ги броела редовите и вежбала однапред за да не згреши пред соучениците. Несигурноста била тешка, и Ивана се прашувала, добро, возможно ли е јас да не знам да читам? Дури неколку години подоцна -- при крајот на основното образование -- дознала дека проблемот е дислексија, што објаснило многу од предизвиците со кои се соочувала. Можеби затоа ѝ е толку лесно да сочувствува со врсниците кои имаат сопствени предизвици и толку лесно презема чекори да им помогне.
Кога брат ѝ ја добил улогата, не му било сосем јасно како Ивана била толку среќна за него. Но неколку години подоцна, кога Ивана го доби повикот за Мастрихт, „тој скокаше три пати повеќе“ од неа. Поддршката која Ивана безрезервно ја пружа ги поттикнува луѓето околу неа да го направат истото. Да позајмам од нејзиниот вокабулар, јас едвај чекам да видам што ќе постигне во Мастрихт.
Бобо Станковиќ, јуни 2021