Премини на содржината ↓

Леонтина Трајкоска

27 August 2024

знае да се справи со сè

“Јас го чував него, тој мене.“ Таков бил соживотот меѓу Леонтина и дедо ѝ, со кого таа почнува да живее на 10-годишна возраст. Порасната во Прилеп, Леонтина рано во детството искусува трагична дестабилизација: загубата на двајцата родители. Во обид да ѝ овозможи продолжеток на образованието во позната средина, дедо ѝ на Леонтина се сели од Скопје во Прилеп додека таа не заврши основно образование. Потоа, заедно се селат во Скопје, каде Леонтина започнува во Арсени Јовков. Кога мора да се збогува и со дедо ѝ, Леонтина станува дел од СОС Детското село – институција која поврзува деца со згрижувачки семејства. 


UWC колеџот во Костарика има долга историја на соработка со СОС Детски села низ целиот свет. Пред формално да се придружи на UWC движењето, училиштето е познато како Colegio Internacional SOS Hermann Gmeiner (Интернационален СОС колеџ Херман Гмајнер), именувано по основачот на СОС Детските села. Гмајнер, Австриец кој ги искусил траумите на Втората светска војна, верувал дека на секое дете му е потребно стабилна средина во која може да го достигне својот потенцијал. UWC Костарика, согласувајќи се со визијата на Гмајнер и знаејќи ја истрајноста на ученици од СОС Детски села, “резервира“ ограничен број на стипендии за комитети што номинираат СОС кандидати кои успешно минале низ нивните селекциски процеси. 


Фактот дека Леонтина морала прерано да порасне резултира во три карактеристики кои стануваат очигледни дури и при краток муабет. 

Првата: Леонтина ноншалантно опишува задачи со кои скоро никој друг на нејзина возраст не мора да да се справува. „Ќе треба да отидам до Прилеп – да завршам нешто административно. Знаеш, пред да одиш на одмор ќе зачистиш дома за кога ќе се вратиш да ти биде убаво.“ (Во случајов, одморот е „двегодишно образование во странство“ а зачистувањето е средување на еден куп документи во банки, регистри и јавни претпријатија бидејќи скоро наполни 18.) 

Втората: за да се справи со со тие задачи, Леонтина знае како и каде да побара помош. Кога треба да се обрати до Министерството за труд и социјала за некои преостанати документи, Леонтина пишува мејл до канцеларијата на Народниот правобранител. Тие ѝ одговараат и ѝ помагаат со случајот.  Кога треба да собере документи за апликацијата за UWC, Леонтина се обраќа на администраторите на СОС Детското село, кои ѝ помагаат да извади нов пасош. 

Третата: луѓето околу Леонтина сакаат таа да успее и инвестираат време за да помогнат. Згрижувачкото семејство со кое моментално живее се шегува дека, ако ѝ притреба нешто во Костарика, “не е проблем – ќе запалиме кола и тргаме.“  Менторите за нејзината пракса во секторот за човечки ресурси работат со неа за да ѝ објаснат можни кариери во полето, што ѝ помогна да ја развие љубовта кон оваа област преку стекнување практични вештини и поддршка. Членовите на комитетот разменија еден куп мејлови со колеџот за номинацијата да биде прифатена. Сите што ја имаат запознаено едвај чекаат да видат што ќе постигне. 

 

Денес, Леонтина има еден куп интереси. Плива, оди на часови по соло пеење и настапува. Вежба во теретана, дел е од невладини организации, учествува во младински размини и работилници за социјално претприемништво. Пробала манекенство, а има и 200+ денови учејќи Шпански на Дуолинго за да биде спремна кога ќе пристигне во Костарика. Се збогатува со искуства. 

„Ми фали,“ ми вели Леонтина за дедо ѝ – кој и во своите доцни 80-ти имал јасна смисла за хумор. „Листам низ стари албуми. Ама судбина е – не се бега од судбината.“ 

Јули, 2024
Бобо Станковиќ