Climate Action Leadership Diploma (CALD)
Од учебната 2021-2022 година, UWC Pearson ја нуди Дипломата по климатски активизам и лидерство (Climate Action Leadership Diploma - CALD) за ученици страствени за придонес кон решавање на глобалните предизвици како резултат од климатските промени. Оваа двегодишна програма е во процесот на акредитација како IB Career-related Programme и е наменета за ученици од 16 до 19 години кои имаат намера да се унапредат во полето на климатско лидерство како претприемачи, научници, активисти или иноватори во приватниот или јавниот сектор.
Структура на програмата
Програмата се состои од следните елементи:
- 3 IB предмети. Учениците кои ја изучуваат Дипломата за климатски активизам и лидерство имаат слобода да изберат 2 или 3 предмети од стандардната програма на Меѓународната матура (International Baccalaureate Diploma Programme).
- Предметите можат да бидат од шестте групи на предмети на IB и ученикот да ги изучува на било кое ниво ќе одбере -- стандардно (SL) или високо (HL).
- Предмети од универзитетско ниво. Преку партнерството на UWC Pearson со Vancouver Island University (VIU) и Royal Roads University (RRU), учениците во генерацијата следат универзитетски предмети предводени од професор од VIU и фасилитатор од UWC Pearson. Учењето се одвива во хибриден формат и се состои од онлајн предавања и активности во живо -- секоја недела, барем една сесија се одвива со физичко присуство. На крајот на секој предмет, учениците се тестирани од страна на професорот. Секој предмет има времетраење од еден семестар и целокупната програма ги вклучува наредните четири:
- Климатски науки, издржливост и адаптација
- Домородни перспективи кон околината 1
- Домородни перспективи кон околината 2
- Лидерство и импакт: креирање вистинска промена
- Специјална UWC програма. Низа на модули со траење од половина семестар се одржуваат истовремено со универзитетските предмети, и вклучуваат предавања од поканети говорници, експерти, домородни старешини од регионот на автохтоната територија на Sc'ianew First Nation итн. Оценувањето на овие модули е интерно и не вклучува тестови или испити. Наместо тоа, постигнувањата на ученикот се демонстрираат преку проектна работа и изработка на портфолио. Некои од модулите се следните:
- Праведна транзиција кон праведна иднина
- Комплексни системи
- Од глобални предизвици до локални решенија
- Двооко гледање, реципрочност и благодарност
- Миграција, преселба и климатска правда
- Ангажирано граѓанство и партиципативна иднина
- Микро-сертификати. Учениците избираат курсеви од 150 до 200 часа и се стекнуваат со сертификати. Ова помага со индивидуална диференцијација на учениците во генерацијата, овозможувајќи им самоиницијативно да се насочат во полињата кои ги интересираат, како арборикултура, градење со природни материјали, блокчејн технологии, дизајн за социјален импакт, практичен футуризам итн.
Профил на идеален ученик на CALD
Дипломата за климатски активизам и лидерство покрива материјал далеку поопширен отколку екосистеми и околина. За ефективно климатско лидерство во иднината се потребни опсежни вештини и интереси и CALD програмата е дизајнирана со ова во предвид. Затоа, UWC Pearson има дефинирано неколку профили на ученици кои одлично би се пронашле во програмата.
Генерално, идеалниот ученик на CALD е страствен за климатско лидерство и еколошка издржливост и спремен да се посвети кон истите низ своите професионални интереси -- без разлика дали тоа е преку инженерство и претприемништво, уметност и кинематографија, економија и историја или човекови права и јавни политики. Ученикот е подготвен да следи предмети на универзитетско ниво кои вклучуваат искуствени, применети и теренски елементи на различни локации низ Ванкувер островот.
Дополнително, самоиницијативните ученици би биле успешни во програмата поради високата флексибилност во спроведување на академските задачи и проекти. Сепак, колаборативност е клучна бидејќи поголемиот дел од работата се извршува во тим со други ученици од генерацијата. Најважно е дека ученици кои се академски компетентни, издржливи, посветени, грижливи и интроспективни ќе можат да го искористат максималниот трансформативен потенцијал на програмата.
Аплицирање за CALD
Македонскиот национален комитет има можност да номинира ученици за Дипломата за климатски активизам и лидерство за генерацијата 2023-2025 на UWC Pearson. Кандидатите во својата трета година од средно училиште ќе имаат предност во процесот, но и кандидати од втора година имаат можност да искажат интерес доколку се длабоко страствени за климатско лидерство.
Заинересираните апликанти можат да го изразат својот интерес да бидат земени во предвид за CALD во стандардната апликација (со рок од 20 ноември, 2022). Апликантите кои изразиле интерес за CALD и воедно ќе успеат да се пласираат во третиот круг од селекцискиот процес ќе бидат рангирани и според специфичните критериуми за CALD дефинирани од страна на колеџот. Кандидатот за кој ќе се одлучи дека најмногу соодветствува на профилот на ученици дефиниран од UWC Pearson ќе биде номиниран за изучување на програмата. Крајната одлука ја донесува самиот колеџ, кој може да ја одобри номинацијата за CALD или во спротивно да му понуди на кандидатот да ја изучува стандардната програма од Меѓународната матура (IB Diploma Programme).
Повеќе информации за CALD програмата можете да најдете на вебсајтот на Pearson College UWC.