Премини на содржината ↓

Весна Манова-Ераковиќ

3 August 2020

Пирсон UWC на Пацификот, 1985-1987

Проф. др. Весна Манова-Ераковиќ (UWC Pearson) е редовна професорка на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Нејзиниот пат кон UWC започнал од родното село Уларци, Кочанско, па продолжил низ соседното село Чешиново, каде завршила основно образование, а потоа и скопската гимназија „Георги Димитров“. Откако бил препознаен нејзиниот потенцијал во математичката паралелка во „Георги Димитров“, Весна станува една од првите ученички од Македонија на UWC. Kako претставничка на СФР Југославија, Весна заминува на Lester B. Pearson колеџот во Канада во доцните 80ти!

Иако Весна до ден денес живее во духот на UWC мисијата, таа одлучува веднаш по крајот на UWC искуството да се врати во Македонија и да ги пренесе UWC вредностите овде. Во 1991, Весна дипломира во областа на теориската математика на Природно-математичкиот факултет во Скопје, каде потоа ќе ја помине целата своја досегашна академска кариера.

Покрај своето обемно искуство како предавач, Весна има објавено триесетина научни трудови и била рецензентка на бројни академски списанија од својата област. Дополнително, Весна е и поранешна претседателка на Сојузот на математичари на Македонија (во два мандати), што покрај нејзиниот професорски ангажман, најдобро кажува колку го вреднува пренесувањето на знаење и градењето идни млади лидери.