Премини на содржината ↓

Александар Ангеловски

16 August 2024

знае што сака

На селекциски тренинзи, кога ги спремаме новите членови на националниот комитет за оценување, често им кажуваме: „ако кандидатите се разликуваат од вас на 16 години, не значи дека не се добри кандидати!“

На 16 години, јас немав конкретна идеја што сакав да бидам. Ако некој ме прашаше што сакам да правам во животот, јас обично одговарав “муабет.“ Ако ептен ме боцнеа, ќе речев “адвокат“ (кариера што прави муабет). Ама подетален план -- немав. Заради тоа, ме освежи разговорот со Александар -- дете кое (согласно нашите критериуми!) не може да биде поразлично од мене на истата возраст.

Александар знае дека сака да биде доктор. Знае веќе со години. И не само што знае, туку активно работи кон таа цел. Интерес кој започнал со гледање филмови за доктори прераснал во членство во Црвениот крст и, подоцна, упис во медицинското средно училиште. Како дел од наставната програма, Александар минува време на одделот на хирургија и помага на медицинските лица. Преврзува рани, помага со терапија. Има и присуствувано на операција за срцев бајпас.

Сето ова Александар ми го прераскажува со комплетна ноншалантност -- не бидејќи не му е гајле, туку бидејќи ова не е новост. Новост е за мене, секако, ама Александар знае дека сака да биде доктор. И затоа има направено план. Тој план првично го однел во стручно образование, а сега го носи во Норвешка, каде предметите ќе му бидат (нормално) биологија, хемија и психологија. Потоа, според планот, ќе оди на факултет, па на специјализација, па ќе се врати во Штип за да биде хирург -- бидејќи знае дека хирурзи се потребни.

Не сакам да ви дадам впечаток дека Александар не е флексибилен. Напротив, има еден куп интереси -- од француски канцони до вежбање во теретана до маркетинг. Има пораснато во Штип (“во истиот стан, на улица до паркот, мало место“), дете на родители кои работат во текстилната индустрија. Има учествувано на Еразмус проекти, на дебати, акции на Црвен крст... Детево е флексибилно со друштво, при муабет, на кафе. Но, како што ми кажа: “ако си флексибилен со плановите, не знаеш што сакаш.“ А, Александар Ангеловски знае што сака. Му останува само тоа да го постигне.

Бобо Стакновиќ
Јули, 2024