Премини на содржината ↓

Леона Лозановска

12 August 2024

е сестрана

Интервјуто што го имав со Леона за овој профил се одвиваше лесно и природно, најверојатно поради нејзината сестраност. 

Секој пат кога во нашиот разговор ќе дојдев до заклучок дека сега подобро ја познавам и имам доволно материјал за нејзиниот профил, Леона, онака релаксирано, ќе спомнеше дека зборува 7 јазици и допрва почнува да учи Италијански.

Оваа нејзина сестраност и желба да проба нови работи ја мотивираше да аплицира на новата пилот-програма на UWC на Атлантикот, позната како „System Transformation Pathways.” (Koja што е делумно развиена од страна на Македонка, заменик директор на UWC Atlantic!) Целта на програмата е да ги изложи учениците на стратегии за системска промена – работи кои можат да ги прават за да постигнат општествени цели. (Програмата ќе ја комбинира со предмети како глобална политика, економија и англиски јазик и литература.) Како што и таа самата ми објасни, UWC е шанса да проба нешто ново и Леона сака максимално да ја искористи.

Средношколските денови ги поминала во Јахја Кемал, кадешто била насочена кон изучување на природните науки биологија и хемија, како и мноштво од уникатни воннаставни активности како Старогрчкиот клуб или Латино танци.

Нејзината љубопитност и проактивност за подобро запознавање на новата средината во која ќе се најде за неколку недели беа очигледни. Уште од сега Леона беше сигурна кои воншколски активности би сакала да ги проба на колеџот: неделното волонтирање на “Conversation Hour“ (час за муабет) во еден од бегалските центри во Кардиф. А знае и што би одбегнала: активноста наречена „Aтлантик Пацифик”, која вклучува сурфање, пливање и едрење во јануари во Атланскиот Океан (ладно е, луѓе!).

Повеќето ученици тргнуваат на UWC со цел да се пронајдат или откријат што би сакале понатаму во животот, па на прашањето „што понатаму“ очекував да слушнам нешто во овој стил. Но, Леона искрено ми одговори дека раснејќи нејзините соништа имале интересна патека: „сè од сонот да сум касиер во Tинекс до бизнисмен, астрофизичар, доктор, неврохирург,  менаџер на синџир за хотели.” Со нејзини зборови, „во еден идеален свет каде што парите не се битни, Леона би готвела целодневно и студирала гастрономија во Италија.” Но, бидејќи реалноста е малку поинаква, Леона планира да продолжи да студира бизни менаџмент и меѓународно право и односи.

UWC на Атлантикот нема да е прво, а ни последно, меѓународно искуство за оваа средношколка. Mинатата година поминала 3 недели во Минхен, Германија на летен камп, а веќе го има посетено и Обединететото Кралство кога учествувала на еден меѓународен натпревар по англиски јазик во Лондон, од кој се беше вратила со неколку медали.

Нешто што многу ќе ѝ фали  е славењето на родендените на секој од нејзните соученици со роденденска торта во Јахја Кемал. И самата добила торта на крајот од оваа учебна година – како збогум од соучениците. Мислам дека ладниот туш што секој традиционално го добива за роденден на UWC на Атлантикот, заедно со целата куќа собрaна во твојата соба на полноќ, дефинитивно ќе биде едно поинакво искуство. 

Освен роденденските торти во Јахја, нешто кое што многу ќе ѝ фали ќе бидат и сармите на баба ѝ и сончевото поднебје на овие краишта.  И покрај моите напори да ја убедам (а делумно и утешам) дека во Кардиф, Велс лесно ќе пронајде сарма, не ја убедив дека ќе најде многу сонце. Сепак, сигурна сум дека нејзината позитивност самата ќе донесе сонце и во најтмурните ќошиња во Велс.

Нела Честојанова
Јули, 2024