Дарин Угриновски
е искрен со сите
Кога Омар Сабух дошол од Сирија во Југославија во 1969-та година, причината била едноставна: да заврши технолошки факултет. Но судбината имала и дополнителен план: во истиот интернат, Омар ja запознал и Ленка Угриновска – се вљубил, оженил, и така натаму. Но Омар подоцна се вратил во Сирија, Ленка oстанала во Скопје, а потомците со текот на времето се распространиле насекаде. Делумно заради тоа, Дарин – 17-годишниот внук на Ленка и Омар – денес има еден куп тетки и чичковци ширум светот кои широкоградо нудат каучеви и гостински соби за посета.
Годинава не бев дел од селекцискиот процес, што значеше дека немав шанса да го запознаам Дарин пред нашиот муабет за овој профил. Во такви случаи, обично е потребно време за соговорникот да се опушти пред да можеме да нурнеме во семејната историја и слични, подлабоки теми. Но ми се чини дека за Дарин, искреноста е една од главните карактеристики, па не му беше потребно загревање. Едноставно почна да споделува.
Искрено споделуваше и анегдоти кои беа потешки. Кога го прашав за брат му Теон (кој пред некој месец наполни 7 години), Дарин отворено ми раскажа за првичните чувства на запоставеност. Теон се родил кога Дарин бил во петто одделение – турбулентен период и без додатокот на нов член на семејството – и Дарин се присети дека првин си помислил “Што бара детево тука?“ Но првичната љубомора бргу била заменета со љубопитство, и Дарин уште од сега знае дека збогувањето со брат му ќе биде најтешко од сите.
Дарин не бил секогаш толку отворен. Во основно не се вклопил со класот и најчесто мислите си ги чувал за себе. Слушал музика и запишувал што му минува низ главата за да ги процесира чувствата. Но, по предлог на татко му, отишол на летен камп при крајот на основното образование. “Храната беше за никаде и бевме по 15 деца во соба, ама откако се вратив во Скопје имав едно убаво друштво кое правеше муабет за сè.“ И така, во Орце Николов, Дарин почнува да прави муабет -- искрено и отворено, дури и со луѓе што не ги знае особено добро.
Деновиве, Дарин се спрема за Норвешка. Работи на шанк и почнува да се збогува со луѓето тука, вклучувајќи ги и тетка му и нејзиното куче Зои. Веќе е во контакт со некои од децата кои ќе бидат во Норвешка. (Годинава на колеџот во Норвешка имаме двајца ученици и еден професор!) Прави планови за што потоа -- го интересира Шпанија, ама отворен е кон сите опции. И највеќе од сè, прави муабет: со Гурра и Марија, кои веќе матурираа; со Васко и Ана и Андреј и Богдан и сите други ученици од нашиот комитет кои наскоро ќе полетаат; со родителите, кои се загрижени и среќни; и со Теон, кој ептен ќе му недостига.
Бобо Станковиќ,
Јули 2024