Ана Јорданоска
зрачи со позитива
Во разговорот со Ана си потврдив дека е секогаш загуба ако не ги запознаам новите ученици во живо. Ова ми е прва година да не можам да присуствувам на ориентацискиот камп, па немав шанса да си помуабетам без екран. „Многу ми е жал што не се знаеме лично“ – ми рече Ана – малку загрижено дека нема да го доживеам нејзиниот карактер доволно добро. Сепак беше лесно да ја препознаам позитивата која Ана ја носеше со себе низ целиот процес и за време на нашиот разговор. Таа е класичен оптимист – „верувам дека во сѐ има добро и се надевам дека сѐ ќе биде добро, бидејќи нема поента да мислиме на лошо“, рече Ана коментирајќи за нејзиниот поглед кон животот.
Во еден момент и дадов можност таа да ми постави прашање за што би ја интересирало кога би си ги замениле местата. Ана ме праша што најмногу ми значи во животот, па и јас ѝ го поставив тоа прашање. Не бев изненадена од одговорот, со оглед на тоа дека веќе зборувавме за блиските. Најмногу ѝ значи кога поминува време со семејството и друштвото. Таа вели дека од луѓето околу неа добива мудрост и знаење, а и дека може многу да се научи за човек од тоа со кого одбира да биде близок. Што друго би очекувале од некој дружељубив и комуникативен како Ана?
Тестамент за нејзината дружељубивост се и местата на коишто обожава да излегува – прошетки и сладолед во Градски парк на пролет и есен, кафичи кадешто има место повеќе луѓе да бидат на иста маса, и школскиот двор од основното училиште каде пораснала (отворено место со многу простор). На Ана ѝ е најубаво кога е во присуство на убаво друштво и позитивни луѓе, па затоа и местата кои ги одбира се пространи и дозволуваат да има повеќе простор за разговор.
Но, Ана знае да биде и критички настроена, секако како конструктивен критичар (пак на позитивната страна на нештата). Истиот школски двор вели дека е во многу лоша состојба и разбира зошто некој што нема сентиментална поврзаност со местото не би сакал да седи таму. Луѓе постојано ги кршат клупите и кантите, па ја нервира кога локалците не се грижат за околината и што наидува на пасивност кога сака да преземе нешто околу тоа.
Кога станува збор за UWC, Ана е возбудена за секој дел од искуството – од Меѓународната програма, до проектните недели и дружења. Уште од сега знае дека ќе зема биологија и хемија на високо ниво, бидејќи тие не ѝ се новост и ги изучува подлабоко од материјалот за училиште. Веќе некое време учествува на натпревари, а добила и трета награда на државниот по биологија – скромно вели „ништо wow, секогаш може подобро“ ама е горда што го прави тоа со љубов и посветеност.
Ова можеби ми беше и омилената реченица што Ана ја изусти, ама кога ја прашав што ќе спакува и земе со неа, ми рече „насмевката ќе си ја понесам, а другото ќе си дојде со време“. Можам да кажам дека ми е навистина жал што не се видовме, но впечатокот што ми го остави беше повеќе од доволен да потврдам дека Ана навистина зрачи позитива.
Јана Кралева
Август, 2024