Миа Драгниќ
Бестрашното девојче со сината тетратка
За време на ориентацискиот камп летово во Охрид, им дадовме шанса на нашите нови ученици да ни се отворат нам – но и меѓусебе – во врска со сето она што ги загрижува во пресрет на нивните UWC искуства. 10 минути по почетокот на сесијата, Миа крена рака. Со засипнат глас oд многу журкање, брборење, но и од неизбежната емотивност на моментот, ни кажа дека се плаши дека UWC ќе остави трага врз нејзините пријателства дома. Или што ако си ги разочара родителите? Или ако се префорсира уште на крајот на првиот семестар?
А сепак, иако се отвори за своите точки на ранливост повеќе од било кој друг на сесијата, „ранлива“ е последниот збор со кој би ја опишал Миа Драгниќ. Силата што ја покажа додекa ги споделуваше со нас своите наjинтимни грижи за иднината е истата онаа сила – истата онаа бестрашност – која ја видов во нејзините очи кога ја запознав за првпат во јануари, кога чекаше да биде повикана во собата за интервју. Држеше сина тетратка силно прицврстена за телото, додека главата и’ беше целосно исправена. Во обид да ја опуштам пред интервјуто, и’ се обратив со полушеговит глас: „Ајде сега нека влезе девојчето со сината тетратка!“ (иако никој друг не чекаше пред собата). Со разоружувачка насмевка, веднаш ми го прифати хуморот („Девојчето со сината тетратка ќе влезе веднаш!“) и зачекори самоуверено.
Едно од прашањата што оваа година им ги поставувавме на сите апликанти гласеше: „Како соопштувате лоши вести?“ Повеќето апиканти зборуваат за лоши оценки и неуспешни апликации за разни конкурси, но не и Миа. Без да трепне, ни раскажа како дознала дека нејзина другарка била изневерувана од момчето. Како вечен борец за правда, Миа веднаш ја информирала другарка и’ и никогаш не се покајала, иако таа не и’ поверувала и потоа не разговарале со месеци.
Бидејќи, кога Миа треба да одбере помеѓу она што е лесно и она што е правилно, таа секогаш го одбира второто. Во јануари ни рече дека еден ден планира да докторира во областа на биологијата. Се сетив на ова за време на нејзиното финално интервју некој месец подоцна, па ја притиснав околу темата дали треба да им се дозволи на трансродовите спортисти да настапуваат во иста категорија со спортисти од различен биолошки пол.
Иако не се согласуваме на оваа тема, нејзинот триминутен монолог за биолошките механизми на хормоналната терапија ме остави без зборови. Сум среќавал и други елоквентни 17-годишни тинејџери на овие селекции, но со никого не сум чувствувал толкава интелектуална рамноправност.
Всушност, како што сфатив на ориентацискиот камп, "рамноправност" во случајов е дури и еуфемизам. Една од вечерите во Охрид, при 2 саати сон и (тогаш веќе) сосема засипната, Миа одлучи да дебатира со мене за проширувањето на ЕУ додека се качувавме накај Канео. Зборува некој чуден македоанглиски (grades-oт", "subjects-от"), кој обично би ме нервирал. А сепак, некако во секоја реченица успева да се изрази со најмалиот потребен број зборови, без притоа да загуби нималку на прецизност.
Не знам дали Миа навистина ќе биде биолог -- вели дека во игра се и медицина и меѓународно право. Знам само дека што и да одбере ќе биде исклучителна, а мислам дека и таа го знае тоа. Кога другите апликанти во втората рунда се плашеле дека не поминале добро, Миа плачела бидејќи рекла дека сака да оди на колеџот во во Сингапур, пред да дознае дека Сингапур не е понуден. Секако, единственото нешто што би можело да го спречи Девојчето со сината тетратка да биде одбрано за UWC би било... некаков логистички проблем.
А колку е само спремна да замине на колеџот во Кина: "Кога одиш на кафе со некој во Дебар Маало, знаеш дека тој човек нема да го промени светот", ни вели Миа со својот препознатлив "да не се лажеме" тон.
Но, внимавајте да не ја помешате самодовербата на Миа со ароганција (знам дека многумина што ќе ја запознаат ќе ја направат таа грешка). На крајот на краиштата, ниту елоквентноста ниту интелигенцијата не беа она што го направи нејзиниот говор за грижите во врска со UWC толку моќен. Напротив, тоа беше нејзината длабока интроспекција околу сите оние кои ќе бидат засегнати од нејзиното заминување. Неколку минути откако почна да зборува, Миа се расплака. "Сакаш мала пауза?", ја праша некој. "Не, не", му одговори Миа, речиси со индигнација. "Штотуку почнав".
Кристијан Фидановски, јули 2023