Мартина Јаначковска
и одмерените чекори
Мартина секогаш има што да прави со денот. Се слушнавме на видео повик - јас надвор, а таа од нејзината соба. Паднавме на муабет за собата. Не е необично луѓето да се во нивната соба, но не сите ја прават собата дом. Мартина обожува да си ја организира околината и наоѓа мир во приватноста. Ми кажа дека доколку ѕидовите би можеле да зборуваат, би ни објасниле колку таа си го цени личниот простор за живеење и сѐ што тоа ѝ дозволува да постигне. Самата ми кажа дека многу внимава на хигиена и има посебен протокол за влегување дома и во собата. Секогаш е многу внимателна и доследна на нејзините стандарди.
Мартина ја нервираат луѓе кои не знаат да комуницираат. Дали станува збор за лоши или за убави моменти, недостиг на комуникација е нешто што не може да прифати. Многу ѝ е важно луѓето да бидат отворени, како што таа е отворена со нив. Ако поминете барем малку време со неа, ќе сфатите колку не сака да објаснува „на долго и на широко“, туку се фокусира на квалитетот на разговорот – да биде кратко и јасно. Така беше и со нашиот повик – понекогаш премногу ги издолжував едноставните прашања, а таа беше спремна да ми даде одговор веќе после главната мисла.
Разговорот за комуникација нѐ доведе до прашање за тоа како мисли дека ја доживуваат нејзините најблиски другарки. Без претпоставки, цитирајќи другарка со која биле на одмор, ми кажа дека „Мартина многу тешко се откажува“. Тоа се гледа во многу примери од нејзиниот живот, но исказот беше инспириран од конкретна ситуација кога се шминкале во исто време. Ако некогаш се видите со Мартина, веднаш ќе го забележите големиот и беспрекорен молив за очи. Се познава ефикасноста и решителноста во потезите и чистиот, извежбан резултат.
Освен шминка, Мартина ја интересира и модата, но не ѝ е по мерак што во Скопје не може да пазари во продавници со облека на старо. Ми зборуваше за презирот кон таканаречената fast fashion – масовно производство на евтино изработена облека – и за нејзините обиди да ја намали личната потрошувачка. Постојано работи на тоа и наоѓа начини животниот стил да ѝ биде поодржлив.
Кога зборувавме за нејзиното омилено место во Македонија, ми го спомна Кратово. Дедо ѝ е од таму, па градот го има посетено доволно пати за да ѝ легне на душа. Ми кажа дека ѝ се допаѓа тоа што е многу мирно, а сепак има дружење. Иако нема премногу за правење, сепак има соживот.
Мостар ја потсетува токму на Кратово - гратче со душа. Навистина е коинциденција, но сме направиле добар избор што Мартина ја праќаме во токму град којшто ја потсетува на нејзиното омилено место.
Јана Кралева
јули, 2023