Илин Московски
и возбуда во едноставни работи
Кога првпат го запознав Илин, бевме на дружење во Кашмир со петнаесетина други ученици. Едвај дочека да седне на ‘жешкото столче’ и да почне да одговара на сите мои прашања, па и мене да ми поставува прашања. Кога ќе кажам дека е во потрага по возбуда, не мислам на високоадреналински активности. Илин наоѓа возбуда во поедноставни работи.
Со Илин делиме многу слични искуства од Корчагин и општо од средношколскиот живот. Двајцата сме имале иста класна и многу од истите професори. Илин за секого и сѐ знае да каже убав збор. Дури и кога наоѓа маани, истите ги истакнува паралелно со позитивните страни на нештата. „Многу ми беше тешко да се прилагодам на безбројните забелешки, ама строгоста многу ми помогна да работам на себе во тој поглед и да си го средам пишувањето.“ - рече Илин.
Имав прилика да го запознаам повеќе на ориентацискиот камп. После секоја пауза меѓу сесии, Илин дотрчуваше до неговото место со лист хартија и пенкало. Листовите секогаш беа исполнети со математички решенија на сѐ уште неидентификувани задачи – искрено, не стигнав да го прашам што точно решава. Кога зборував со него, ми кажа дека активниот академски живот му предизвикува задоволство. „Средината и вајбот што се раѓа од академски живот ми се допаѓа“ – ми рече. Кога би имал целосна слобода и покриени трошоци да посети некоја дестинација, без двоумење би одбрал да оди на некој познат универзитет со голема библиотека.
Илин сака да стане професор по математика, и тоа не каква било – апстрактната алгебра е нешто што многу го влече. Оваа силна желба кон таа област ме зачуди, со оглед на тоа што познавам одлични студенти по математика кои лесно се потат од тој материјал. И не е дека го има совладано материјалот: : „Не можам да кажам дека се чувствувам удобно на тоа огромно поле, па има уште многу што треба да научам. Во секој случај апстрактна алгебра ме фасцинира и сакам еден ден тоа да го предавам.“
Илин не е ограничен само на математика. Испаѓа дека од Македонскиот национален комитет барем еднаш во три-четири години излегува супер-фан на „Tool“. Илин го обожува тој бенд. Кога зборувавме за нивната музика, се присетив на мојот селекциски процес и колку возбудено зборував за нив, особено во третиот круг кога Огњан ми постави прашање за нивната музика. Во Илин ја видов истата возбуда, но и големо љубопитство да го слушне моето мислење за омилениот албум 10.000 days и животот на членовите од бендот. Со содржината на прашањата, тој ми покажа дека е внимателен слушател и заинтересиран соговорник.
Како самиот што вели, тој нема страв скоро од ништо, па верувам дека ново искуство како UWC ќе му биде само поттик да се надоградува. Предизвиците во Чангшу ќе ги совладува исто како задачите математика: со труд, тврдоглавост, и способност да најде возбуда во нерешени прашања.
Јана Кралева, јули 2023