Премини на содржината ↓

Александрина Георгиевска

27 July 2023

и поврзаностите меѓу луѓето

Секој UWC ученик ја почнува својата приказна со начинот на кој дознале. Без разлика колку онлајн промоција и да правиме, најчесто таа што завршува работа е органската, сама по себе, непланирана. 

Оваа приказна започнува со две комшики на млечен, староседелки во населбата што го прават својот секојдневен муабет. Едната госпоѓа гордо кажува дека внукот ќе оди во Сингапур, а другата заинтригирано ја слуша и спрема комшиски одговор. 

Да испадне дека внукот оди во Тајланд, а внуката на комшиката е Дина, која оваа година ќе го започне своето UWC искуство во Танзанија. 

На Дина не ѝ е прв пат да биде дел од едно UWC искуство. Впрочем, минатото лето таа учествуваше на краткиот курс за одржливост во Германија, што ја инспирирало да аплицира за да го продолжи средното образование. 

Првата работа што ја забележав за Дина е нејзината зрелост и исклучително ниво на емпатија. Од самиот почеток на нашиот повик беше толку насмеана, што просто направи да заборавам на сѐ друго тој ден и целосно да се посветам на она што го кажува. 

Низ разговорот, забележав дека Дина најмногу се смее кога зборува за заедници и блискост со други луѓе. “Научив многу од краткиот курс во Германија, опфативме различни аспекти на одржливост, но најголемата лекција беше зближувањето со други луѓе за толку кратко време” - истакнува самата. 

За време на тие три недели, дури и толку се зближиле со другите учесници што Дина ми се јави од Грција, каде беше на посета кај своја другарка од курсот. Во секој нејзин збор, ми беше сѐ појасно зошто поврзувањето со други ѝ оди лесно. 

Дина со љубов зборуваше за секој и сѐ што спомна - приказната за комшиките на млечен, своите домашни миленичиња, своите пријатели, дури и своите предмети. 

Кога ја прашав што најмногу ќе ѝ недостига од дома, таа одговори дека разделбата со нејзините 3 мачки и куче ќе ѝ падне особено тешко. Таа дури и има волонтирано во Happy Shelter во Скопје, па едвај чека да ги види и животните во Танзанија. 

Во слободно време, Дина сака да гледа секакви документарци. Наместо да навлезе во препораки, таа ми рече “многу сакам да слушам додека другите зборуваат за теми кои добро ги познаваат, сѐ ми има смисла кога е меѓусебно поврзано и во целина”. 

Една мала целина која ја радува е нашето тројство Македонки во Танзанија - Дина, Оља и Емира. Се радува на фактот што ќе може да зборува македонски и да го дели искуството со нив. 

Кога се работи за нејзините предмети, таа е сигурна дека сака да се насочи кон општествените науки. Ќе изучува англиски јазик и литература, глобална политика и историја на високо ниво и откако сфативме дека ја имаме истата комбинација, се впуштивме во разговор за нивната меѓусебна поврзаност. 

Всушност, Дина е човек на поврзаности. Поврзување со други луѓе, со пријателите од краткиот курс, со животните, меѓу предметите, меѓу својот живот тука и што сака да пренесе во Танзанија. 

“Знам дека на апликацијата ѝ го дадов својот максимум, ми падна камен од срце дека се исплатеше и сега одењето таму ми изгледа природно и лесно”, вели таа.

Ако нешто можам да предвидам од сега, тоа е дека Дина ќе ја пренесе својата емпатија и топлина во Танзанија и дека на ист начин како што наоѓа врски, поврзаности и целини во се’ друго, таа ќе стане неоттуѓив дел од целината и заедницата на UWC East Africa. 

 

Јули 2023
Марија Јанева