Премини на содржината ↓

Дариа Матевски

27 July 2023

и поетскиот раст

Кога Дариа се јави на нашиот повик за ова интервју, првата работа што ја забележав е леснотијата со која зборува. Не само што беше опуштена, туку и начинот на кој ги сврзуваше своите реченици беше толку природен, елоквентен и полн со смисла. 

Додека јас се обидував да изнајдам начини да прашам содржајни прашања, Дариа ми ја олесни работата со тоа што на секое прашање даваше суштински одговор што беше многу побогат од моето прашање, со зборови што доловуваат точно што сака да каже и со мисла што во ниту еден момент не беше прекината. 

Неизненадувачки, првиот интерес што го истакна е литературата. „Обожувам поезија, книги, читање, а поезија пишувам и сама веќе со години”. Ако сте зборувале со Дариа ова не ве чуди, бидејќи секоја нејзина реченица звучи поетски. 

Своето образование во Македонија го поминала во Јахја Кемал, каде исклучително ѝ се допаѓала културната мешавина на ученици. “Мислам дека е едно од училиштата во Македонија со најмногу различности, што иако е најверојатно доста различно од UWC Adriatic, е добра основа за уште повеќе разновидност” - вели таа. 

Во Јахја Кемал има учествувано во низа воншколски активности, помеѓу кои драмскиот клуб и дебатниот клуб, кој го основала и била лидер. Двата клуба се добар пример за  мешавината на уметност и рационалност што е типична за Дариа. 

„Обожувам секој тип на уметност, дали тоа е литература, визуелна уметност, филмови, музика, едноставно уживам” - вели Дариа, откако зборувавме за нејзината заинтересираност да оди во музеи кога патува. 

Како книга што ја препорачува ја издвојува култната „The Bell Jar” на Силвија Плат, која ја има купено за својот 15-ти роденден и прочитано повеќе пати. „Начинот на кој Плат суптилно има внесено автобиографски елементи и на кој го претставува женското искуство во општеството за мене е посебен” - кажува таа. 

Заинтригирана од овој одговор, ме интересираше кој филм Дариа би го препорачала. „White Oleander” е првиот кој го избра и не само што ми го спомна, туку и даде сликовит опис и мини-анализа со која сфатив колку таа сака да пронаоѓа знаечење во сите уметнички форми. „Секое семејство што го менува главниот лик е посебна приказна, нејзиниот раст и прилагодување на околностите” - ми кажа Дариа пред да навлезе во гореспонетатите промени кои ѝ оставиле силен впечаток. 

Нешто што забележав дека го идентификува кај сите свои интереси е елементот на себеспознавање. Наместо да дава описи на ликовите за кои зборува, таа го гледа нивниот развој преку промени, реакции, начини на кои се прикажани и сопствените интерпретации на тоа. 

Себеспознавањето на Дариа беше видливо во секој дел од разговорот. Практикување јога што неодамна го почнала, зборување за нејзиниот животен пат до сега и како очекува да се смени, мини-турата на своите декорации во соба, читањето, филмовите… 

Таа не само што ги разбира другите многу добро, туку исклучително добро се познава себе, без да дозволува тоа да го ограничи она што ќе стане понатаму. Не се сомневам ниту дека нејзината интроспекција и желба за себеспознавање ќе ја следат во Италија и едвај чекам да видам како тоа ќе го слее во уметност на нејзиниот уникатен начин.
 

Јули 2023
Марија Јанева