Лазар Нелковски
создава светови
Нам физичарите задачата ни е да ги проучуваме својствата на концепти како движење, време, простор, светлина и звук. Во меѓувреме, ми се чини дека Лазар – на својот уметнички начин – овие концепти веќе ги има совладано. Звукот го владее уште од мали нозе, кога во нижо музичко училиште изучувал пијано, како и тапани, класична и рокенрол гитара. Како режисер, вешто “управува” со светлината и времето, преточувајќи ги во чувства и идеи. Како актер, тој материјализира сценарија во времепросторот, било да е на сцена или на екран.
Не можеше да ми биде поедноставно да го изберам главниот мотив во овој профил – животната приказна на Лазар е втемелена во уметност и творештво. Самиот ден на нашиот разговор, Лазар во Кинотека го претстави својот прв албум и го прикажа првиот документарец, како и краткиот филм “Сон” во кој игра главна улога (настани кои ми беше жал што не можев да ги просведочам). Пресреќен беше да ми раскажува за претходните авантури, кога како финалист на фестивалот Џифони се ракувал со неговите филмски идоли. Целејќи кон неговата иднина како рок ѕвезда, има “разработено” дури и како би изгледале неговите предизвици и како ќе се соочи со нив.
Покрај неговите постигнувања, особено впечатлив ми е неговиот алтруистичен осврт кон уметноста. На пример, занимавајќи се со “применет театар”, ја има користено уметноста за да поттикне дискусија за општествени проблеми како корупција и предрасуди. Дополнително, како што ми опиша за време на нашето прво интервју, преку документарецот (наречен “Скопје – градот на трудот”) ја слави убавината и особеноста на родниот град, збогатувајќи го дискурсот околу Скопје со една свежа и позитивна перспектива. Можеби најкристално-чистиот пример околу овој доброчинителски квалитет на Лазар е неговата склоност да создава простор за креативноста на другите – неговиот соодветно-наречен фестивал “Нови Простори” е платформа за млади уметници обожавана од стотици посетители веќе две години по ред.
Кога не создава свои светови, Лазар е aктивен и во други – на пример како ракометар во младинската екипа на ракометниот клуб Бутел (со освоено првенство годинава!). Со негови зборови, во неговиот круг на познаници тој е “единствениот меѓу ракометарите кои има објавено песна и единствениот меѓу музичарите кој игра ракомет” – од тука произлегува несекојдневната оригиналност во разговорите со него. Во само еден краток повик, ме научи за рамнотежата меѓу естетика и суштина која режисерите треба да ја запазат, критично ја разгледа комерцијализацијата и експлоатацијата на уметникот, но и зрело се осврна на важноста на тимска хармонија во спортот (и пошироко).
Иако преостануваат квалитети на Лазар кои не ги покрив во кратково текстче, можам да се потпрам на времето да ви ги открие – било тоа да е на кино екран, музичка платформа или театарска сцена. Напоредно, сигурен сум дека колеџот во Каруизава ќе биде одлична нова сцена за енергијата на Лазар како креативец, како спортист и како пријател.
Илија Личковски, август 2022