Премини на содржината ↓

Ивана

15 July 2021

и потрагата по оригиналност

Повеќето од „нашите“ UWC деца се всушност возрасни заробени во тела на тинејџери. Ова важи и за Ивана, ама кај неа нешто друго повеќе ми фати око. Кога разговараме, мислам дека Ивана не ме перцепира мене како возрасен. Додека шетаме низ градскиот парк едно јунско попладне, се чувствувам како да разговарам со врсничка. Но, уште поважно, се чувствувам како да сум дел од разговор помеѓу врсници.

Ова значи, меѓудругото, дека секои 10 секунди ме прекинува, ама на оној убав начин. За Ивана, еден разговор е токму она што треба да биде: двонасочна улица. Како си денес, Ивана? – Супер, како си *ти*? (...) Возбудена ли си што ќе се селиш во Индија? – Да да, а *ти* возбуден си што ќе се враќаш во Англија? И потсети ме, за што ти беше докторатот? И така, после половина час шетање, се фаќам себеси како зборувам за демографската транзиција во Источна Европа, без да бидам ни милиметар поблиску до тоа да дознаам која е всушност Ивана Стојанова.

Но, тогаш сфаќам дека таа е токму ова. И не само затоа што е добро воспитана: се гледа од авион дека таа неизгаслива искра љубопитство за сè и сешто во нејзините очи е природна. Ова можеби објаснува и зошто е човек од акција. На прашањето за визата ми одговори кратко затоа што таа впрочем и не дозволила да се развие тука некоја приказна: нејзините ѝ препуштиле сама да го среди апликацискиот процес, таа го средила и готово. Еден месец претходно, кога нејзините биле соочени со неудобната дилема дали да ја испратат својата 17-годишна ќерка на друг континент, тие исто така ѝ препуштиле сама да си реши. Ах, да можат сите родители да бидат вакви. Ама па не им е на сите ќерка Ивана. 

А сепак, иако успева сè да направи да изгледа толку лесно и обично, токму обичните нешта ги презира и се обидува да ги избегне во животот. Неколкупати додека разговаравме, си ја започна реченицата со зборовите: „Знам дека ова е клише, но...“. За време на селекцијата, кога ја прашавме што ѝ се допаднало најмногу кај другите апликанти, таа зборуваше колку биле различни од повеќето луѓе во Македонија, кои „цело време се жалат“. Дури и за апликантите имаше критика: наводно биле „премногу драматични на крајот на виртуелниот мини-камп, што не ми беше јасно, бидејќи сигурно ќе се видиме пак“.

Вака напишано, желбата на Ивана да избегнува драматичност и да се стреми кон оригиналност и одговорност се граничи со претенциозност. Но, искрено, јас сосема ѝ верувам. Во текот на селекцијата, ги прашавме речиси сите апликанти дали имаат некои мислења кои се непопуларни дури и помеѓу нивните (претпоставуваме) либерални пријатели. Повеќето од нив не го запазија вториот дел од прашањето, па зборуваа за своите про-ЛГБТ или про-зелени ставови (што е супер, ама овие работи белки се подразбираат, 2021 година сме). 

За разлика од нив, Ивана зборуваше за геноцидот во Мјанмар и како на почетокот сочувствувала со канцеларката (која не реагирала навреме), но потоа научила повеќе на темата и се премислила. Па, ако бараме доказ за оригиналноста на Ивана, има ли подобар доказ од тоа што одбра одговор кој ја става во лошо светло само за да се осигура дека ни кажува нешто што тој ден нема да го чуеме? 

Дури и на посекојдневни теми, Ивана размислува вчудоневидувачки оригинално. Кога почна да се осврнува на своите чувства од моментите кога не знаела дали ќе оди на UWC, а една нејзина другарка од апликантите веќе ја прифатила својата номинација, си помислив: аха, ете го првото клише! Сега ќе почне да филозофира колку е добра личност штом може да ѝ посакува добро на другарка ѝ дури и кога нејзината иднина е неизвесна. Но, како по обичај, Ивана испадна помудра. Па зошто да бидам љубоморна ако другарка ми отиде, а јас не одам, се запраша на глас. За мене може само да биде позитивно што другарка ми ќе оди на UWC: значи дека добро си ги бирам другарите, зар не?

За UWC Mahindra, Ивана вели дека е „нај-UWC колеџот од сите колеџи“. Моооолам, извика Адријатик алумнусот во мене. „Не бе, во смисла дека за мене е нај-UWC колеџ. Скоро и да нема подалечен колеџ од Македонија, што значи дека предизвикот ќе ми биде најголем, а токму тоа е идејата на UWC, зар не?”. Ми личи дека Ивана веќе сфатила што е тоа UWC. Сега останува само да го доживее.
 

Кристијан Фидановски, јули 2021