Премини на содржината ↓

Ивана

9 July 2021

и спој на неуморност со несебичност

    Ивана е од оние луѓе за кои ти се чини дека се постојано во движење, дури и кога стојат. Во видеото што ни го испрати како дел од селекцискиот процес, Ивана се шета во парк, се мота низ чаршија и се слика со споменици. Кога ја запознав малку подобро, сфатив колку всушност темата на видеото била соодветна: Ивана е човек што никогаш не престанува да истражува.

„Има ли нешто од што не беше задоволна кај себе во вториот круг?“, ја прашавме Ивана за време на финалниот круг.

„Па, на моменти ми се чинеше дека се тркав со тоа што го мислев и со тоа што ми излегуваше од уста, така да дефинитивно би била малку посмирена сега.“

„Нееееее“, ми дојде да се развикам кон екранот. Зошто би сакала да се отараси од особина за која други можат само да сонуваат? Токму таа неуморност, меѓудругото, е она што ја прави Ивана посебна, иако таа можеби не е свесна за тоа. Впрочем, како инаку би смислила една толку убава метафора како „тркање со мислите“ среде интервју? 

Понекогаш ми се чини дека Ивана функционира според посебна временска скала – некоја во која денот има повеќе од 24 часа. Еден мајски викенд, се двоумев дали е добар момент да се видиме бидејќи знаев дека има испити за крај на година. Ама на Ивана тоа воопшто не ѝ пречеше: испадна дека таа недела и онака ќе волонтира на филмски фестивал, па што ја кошта да „утепа“ уште некој саат. Испадна и дека нашла време да прочита за најпознатите алумни на UWC Mostar, да ги разгледа биографиите на членовите на нашиот селекциски комитет, па и да присуствува на нашиот родителски состанок, иако тој беше наменет за... па, родители ☺   

Како што веќе можевте да сфатите, Ивана целосно живее во духот на UWC уште пред воопшто да стапне на кампусот во Мостар. За разлика од некои други наши ученици, кои сè уште не ни стапиле во контакт со своите second-years (учениците од четврта година), Ивана веќе се договара со Весна да купат фрижидер (мислам дека за ова се зафркаваше, ама па кој може да знае со Ивана). Инаку, првото нешто што ни го кажа на интервју беше дека чита романи на српски. Ете, изгледа ја испративме на вистинскиот колеџ. А кога ќе стигне таму, Ивана планира да се фокусира на англиски јазик и книжевност, визуелна уметност и меѓународна политика.

Ајде сега да се вратиме на видеото од почетокот на текстов. Иако темата беше „ова сум јас“, видеото на Ивана беше за – Скопје. Прилично чуден избор за во апликација за учење надвор, си помислив. Но, три минути подоцна, сфатив дека штотуку сум го гледал најдоброто од преку 50 вакви видеа кои ми поминале низ раце последниве години. Сепак, се прашував дали Ивана се плаши дека можеби ќе го протолкуваме видеото како потенцијален аларм за носталгија?

Од таков страв секако немаше потреба, бидејќи видеото всушност и не е за Скопје, ниту пак за кое било конкретно место. Тема на видеото е повторно таа постојана раздвиженост на Ивана. Иако се работи за видео на тема „ова сум јас“, камерата ретко кога ја покажува Ивана во крупен кадар. Со оглед на силниот уметнички афинитет на Ивана, ова бездруго не е случајност. Влегувајќи и излегувајќи од десетици прекрасни кадри расштркани низ Скопје, таа остава своја трага врз секој од нив. Пораката е дека Ивана не е ништо повеќе – или поточно, ништо помалку – од збирот на местата на кои се наоѓа и нештата кои ги прави за или со луѓето околу себе.
И навистина, нејзината несебичност е безгранична. На пример, кога на крајот на интервјуто ја прашавме дали има таа нас да нè праша нешто, Ивана сакаше да знае како може да му се приклучи на селекцискиот комитет откако ќе матурира. Леле бе, Ивана! <3 

Инаку, во видеото „ова сум јас“ се слуша песната на Нина Спирова, „Зборувај ми за Скопје“. Еден од стиховите гласи: „најсреќен си само дома“. Нам ни останува само да чекаме Ивана да го испреврти ова мото наопаку и да го претвори целиот свет во свој дом. Прва станица: UWC.

 

Кристијан Фидановски, јуни 2021