Интроспекција
Весна Узунова, Босна и Херцеговина
Весна е интроспективна.
Израсната во Валандово со две сестри, Весна имала доста време да размислува. „Мислам дека кога луѓето ќе слушнат ‘Валандово’ мислат на град, ама тоа е повеќе како рурална средина. Имаме булевар, ама на тој булевар секој ден поминуваат напрежни коли со животни со четири нозе.“ Пред неколку години, нејзините сестри нашле беспомошни мачиња на нивната улица. „Требаше да се грижиме за нив, ама сестрите отидоа во странство и мачињата останаа со мене. За нив научив за ранење и за грижа.“ Во тој контекст, Весна развила чувство за емпатија кое не е ограничено само кон животни.
„Едно нешто што знам дека нема да се смени е дека хуманитарната работа ќе биде дел од тоа што го правам. Помагање на луѓе, на животни -- тоа е тоа што ме интересира.“ Седумнаесетгодишната средношколка очигледно има длабоко размислувано за нејзината улога во заедницата. Иако скромно ми кажа дека уште не знае како ќе се вклопи во нејзиниот иден колеџ во Мостар, Весна знае дека ќе ја искористи таа шанса за да придонесе на местото во кое има израснато. „Имам намера да се вратам дома. Ако размислуваат сите со тоа да отидат на ‘подобро место’ и да не помогнат таму од кадешто излегле, нема суштина. Мене ми е цел да се едуцирам доволно добро, и да се вратам на средината каде израснав. Дефинитивно имам намера да живеам овде.“
Поврзаноста со средината околу неа е особина која произлегува од нејзиниот семеен контекст. Уште како мала, Весна почнала да цени уметност. Свири гитара и пее. Истовремено сака и сликање и фотографирање, бидејќи и дедо ѝ и татко ѝ уживале да сликаат. „Не ми беше наметнато, туку беше уметност која беше достапна, што можев да ја видам… Ми стана нешто како хоби да сликам со апаратот, па тие пејзажи да ги насликам што е можно пореалистично.“ Затоа, заедно со глобална политика и англиски, таа планира да учи визуелна уметност на колеџот во Мостар.
Весна е уникатно интроспективна. Вели дека има една маана: „не сум особено отворена кон луѓе да разговарам за самата себе додека не ми постават прашања.“ Сепак, отворено зборува за престојната транзиција во Мостар („иако мислам дека сум организирана, мислам дека ќе ми се смени сето тоа кога ќе стигнам таму“), за врската со нејзините сестри („без нив, немаше да бидам личноста што сум сега“), и за нејзината тенденција некогаш да се потценува („имам испуштено работи кои можеле да бидат дел од мојот живот бидејќи јас сум мислела дека нема шанси да успеам“).
Голем дел од разговорот го поминавме зборувајќи за суровост кон животните. Весна лесно може да аргументира против тестирање на животни (ми спомна дека започнала да оформува осмислени аргументи убедувајќи ги сестрите), и често се навраќа на нејзината базична мотивација: јасниот морален компас. Весна се грижи за животните, а и за нејзината заедница, „затоа што се живи нешта! Многу е едноставно.“