Премини на содржината ↓

Безгрижност

21 July 2020

Мила Наумовска, Индија

Мила е навидум безгрижна. 

Скоро секоја приказна ја започнува со „Сакаш да чуеш нешто смешно?“ 17-годишната средношколка знае како да ја искористи својата позитивна енергија за првичните разговори -- оние кога луѓе се запознаваат, и не им оди баш муабетот -- да ги направи лесни. Го скрши мразот на нашето интервју кога, смеејќи се, ми се „пофали“ дека претходниот ден паднала од велосипед, и дури понуди да ми ја покаже модрицата.

Мила пристапува кон голем дел од нејзините авантури со слична леснотија. Нема комплетно одлучено кои предмети ќе ги изучува во колеџот во Махиндра, во Индија, но ми наброја неколку патеки кон кариера која би ѝ се допаѓала. „Најдалечното сценарио вклучува хемија и биологија, за да станам зоолог, бидејќи сакам животни… Имаше сценарио во кое станувам компјутерски научник, ама се потсетив дека не сум многу добра во математика.“ Мила поминала три години во „Васил Антевски - Дрен“, па можно е и да продолжи да изучува општествени науки за во иднина да студира право. Ја прашав како ќе одлучи помеѓу опциите. Шеговито, ми одговори: „Си велам, ќе оставам да видам денот што ќе ми каже. И секој ден истото -- денот ништо не ми кажува. Не знам што очекував!“ 

Нејзиниот позитивен став особено ѝ помага кога мора посветено да работи кон една цел. Мила, како член на македонската одбојкарска репрезентација, безуморно тренира и се подобрува. Тренинзите -- пред да запрат заради вирусот -- биле секојдневни, и Мила морала да научи да ги балансира училишните и спортските обврски за да го одржи високото ниво на игра. Инволвирана е и во невладини организации: со уште една ученичка од СОК, модерирала дискусија за театарот и драмските уметности на скорешниот Еквалис-фест. 

Границите на Индија се сé уште затворени, и додека чека да чуе од амбасадата, Мила бара начини да го пополни слободното време. Само што ја прочитала „Лолита“ од Владимир Набоков, и сега преминала на „Сапиенс“ од Јувал Ноа Харари. Ми спомна дека за книгата прочитала доста критики, но сепак одлучила да ѝ даде шанса („отсекогаш сум била добродушна,“ се пошегува). Кога е дозволено, гледа да продолжи со тренинзи по одбојка, а кога не е, гледа филмови. Ми спомна дека ја интересираат психолошки трилери, „да ме остават да гледам во таван откако ќе ги изгледам.“

Позитивната енергија, која беше очигледна низ текот на целиот разговор, ѝ помага да ја преброди несигурноста за пристигањето во Индија. И самата ми кажа: “Многу се секирав за стигањето, за предметите -- ама си реков, ‘чекај, Мила. Ти ќе одиш девет месеци да учиш, зошто не се опуштиш малку сега?’“