Премини на содржината ↓

Мотивација

21 July 2020

Матеја Дамчевски, Тајланд

Матеја e мотивиран.

„Почнав да пливам бидејќи не ме биваше во спортови со топка“, се шегува Матеја, 17-годишен средношколец и член на националната пливачка репрезентација. Плива откако знае за себе, и успешно се натпреварува во сите дисциплини на бројни државни и меѓународни натпревари.

Натпреварувачкиот дух во пливањето го има оформено и како личност. „Многу се лутев кога губев на трки. Имав ривал, од мојата генерација, со кој од петгодишна возраст пливаме заедно. Често се случувало тој да победи во една трка, па јас да се изнервирам и да го победам во наредната, па тој ќе ми врати и така во недоглед, но немало откажување“.

Матеја би сакал да продолжи активно да тренира, и покрај тоа што вели дека ќе се посвети на учењето и на запознавањето нови пријатели на колеџот. Дисциплината и тимската работа во пливањето влијаеле и врз други аспекти од неговиот живот, особено во подготвеноста за нови искуства и предизвици.  Матеја е возбуден што ќе биде дел од разновидноста на колеџот во Тајланд. „Член на Националниот комитет ме запозна со негов пријател од Тајланд, кој пак ми даде контакт од еден Шпанец. Тој, пак, ме поврза со уште 30 други ученици. Сите се многу подружељубиви одошто очекував. Само сакаат да помогнат! Се изнамуабетивме.“

Во Тајланд, Матеја избра предмети како економија, бизнис и технолошки дизајн, кои ќе му помогнат во идната кариера во интернационалниот бизнис сектор. „Бизнисот може да направи од една општествена скала да се искачиш уште неколку нагоре, но носи ризик и да паднеш надолу. Сепак, мислам дека со упорност, желба и амбиција, можеш да придонесеш во развојот и на најмал бизнис и да го подигнеш стандардот на живеење.“

Матеја гледа одлична можност во тоа приватните фирми активно да се вклучат во подобрувањето на заедницата и е отворен за такви потфати во државата. „Големите корпорации не ги чини многу да помагаат на разни начини. Ако, на пример, една компанија за автомобили  им даде поволности на луѓе со пониски примања за поевтино да купат возило, кое им е потребно, тоа финансиски нема да ја чини многу, но таквиот потфат би направил огромна разлика за многу луѓе и би донел бенефит за заедницата.“

Новиот колеџ, секако, географски е доста далеку. Матеја интроспективно зборува за начинот на кој врз него влијаело раснењето во Скопје: „Ми го изгради карактерот, да се чувствувам самостоен, да одам утре во место како Тајланд.“ Иако е возбуден поради новата шанса, сепак „му е малку жал“ што го напушта друштвото од „Георги Димитров.“ Но, сигурен е дека ќе остане во контакт со пријателите. Некои од нив веднаш и за „на гости се најавија!“