Бернарда Малевска
UWC Роберт Бош Колеџ, 2021-2023
Добредојдовте, драги љубопитни умови! Оваа кратка биографија ми припаѓа мене,
Бернарда Малевска.
Како малечко, незрело детенце, кое првпат ги отвора очите кон светот, живеев во своите мечти, честопати планирајќи си го понатамошниот живот. Уште од тогаш, бев жедна за успех, та често можеше да се пронајде моето име на списокот на речиси сите натпревари од сферата на природните науки (освен оние по физиката, кон која никогаш немав изразени симпатии). Со заминувањето од основното училиште и започнувањето на наредната двегодишна фаза од моето патешествие, желбата за успех ја задоволував преку гимнзијата „Орце Николов“ и безбројните надворешни проекти кое училиштето ги нудеше. Од неодамна се занимавам и со дебатирање, кое сосем го разгори мојот натпреварувачки дух.
Растурени низ полиците над мојот кревет, се наоѓаат моите портали кон надреалноста, книги од различни жанри и писатели. Јасно помнам како низ сиот мој живот пропаѓам во уживањата на пишаниот збор, несвесно развивајќи ја својата креативност и фантазија. Само неколку сантиметри настрана се наоѓаат и моите слатки мали тајни, сопствената проза, расфрлана низ неколку нотеси.
Во следното поглавје, ќе продолжам да се предизвикувам себеси на Роберт Бош Колеџот во Фрајбург. Иако не сум индивидуа која си поставува високи очекувања за искуствата кои допрвин треба да пристигнат, со ова училиште тоа е речиси невозможно. Возбудена сум за новиот почеток и за тамошните доживувања, од мултиетничкиот живот во заедништво, новата наставна програма и посветеноста кон еколошкиот начин на живот се до алпаките во дворот.