Премини на содржината ↓

Димитар Фидановски

16 August 2024

мора да е активен

Ќе бидам искрена: муабетот со Димитар ми беше закажан во 9 наутро, а јас не бев наспана. Се имав разбудено нецели 3 минути пред повикот и ми требаше време да влезам во ритамот на пишување профили. Но тоа не е пречка за муабет со Димитар. На моменти кога поспано пробував да артикулирам што сакам да го прашам, тој брзо ги надополнуваше празнините и додаваше негов креативен осврт. 

Димитар е интроспективен. Кога и да му поставев прашање, во селекцискиот процес и за време на последниот муабет, тој размислуваше внимателно на момент пред да ми одговори. Одговорите му се секогаш промислени и го рефлектираат неговиот смирен процес на размислување. Уште во едно од неговите интервјуа тој искоментира за селекцискиот процес и што тоа нему му значи. За време на селекцискиот процес започнал да размислува за неговите навики во споредба со вредностите на UWC движењето и како подобро да ги адаптира – без разлика дали ќе добие понуда за школување. Го искористи овој пример да ни каже што почнал да променува и како сака да продолжи да се надоградува – почнал повеќе да чита, нешто што му било цел подолго време, и сака да продолжи да се надоградува во сферата на математиката. Освен тоа, оваа година се обидел да научи да игра валцер, па во тој дух и ќе продолжи да испробува нови работи на UWC.

Димитар ужива во патувања и споделување на култури – обожава да посетува нови земји и да учи за средините во коишто влегува. Тој смета дека најдобро учи за нови култури кога е директно изложен на нив – преку интеракции со локални луѓе, со оние кои патуваат со него и преку пробување локална храна. Овие искуства му имаат помогнато да биде отворен на побрза адаптација во различни услови и предизвици.

Тој не сака пасивност – Димитар е континуирано активен преку спорт и ментална гимнастика. Обично кога помислуваме на спорт, ни текнува на физичка подготвеност и активност. Она што Димитар постојано го нагласува е дека спортот му има помогнато да ја развие неговата компетитивност, но и му служи како ментален одмор. Нешто што го има обележано неговиот пресек од академска и лична активност е математиката. Учеството на натпревари и олимпијади ја карактеризираат неговата компетитивност, паралелно со неговата желба за континуирана активност и подобрување. Како јаготка на шлагот, кога бил мал се откажал од часовите по клавир бидејќи не му одело, но желбата да научи никогаш не му згаснала. Димитар ја обновува неговата љубов кон музиката како самоук ученик по клавир. 

Секој дел од неговите интереси и карактеристики вешто се надополнуваат и преклопуваат во една целосна урамнотежена личност – неизморлива активност, постојани умствени предизвици, и севкупна лична и општествена надоградба. Трите дела од мотото на UWC Тајланд жарат во секојдневието на Димитар – Good Heart, Balanced Mind, Healthy Body (Добро Срце, Избалансиран Ум, Здраво Тело).

Јана Кралева
Август, 2024