Васко Чоланчески
прави сѐ со намера
Тој е личност во која се спојуваат практичноста и креативноста, позитивен хаос и педантност. Уште од почеток забележував како Васко вешто срочува мисли во одговори, покажувајќи што е можно повеќе страни од неговите доблести и мислења. На едноставно прашање за негов омилен филм, тој даде конкретен опис на доживувањето кога за првпат го гледал – каде и со кого бил на кино, осврт на чувствата што ги доживувал гледајќи, и што точно му се допаѓа во тој филм (па дури ни понуди и плејлиста од песните во филмот). Секогаш се труди да ги долови неговите доживувања на пристапен и едноставен начин што те доближува до него и те прави да се чувствуваш како дел од неговото секојдневие.
Интересите на Васко значат многу повеќе за него отколку само нешто што го прави во текот на денот. Од академски аспект, највозбуден е за хемија и биологија, но не само за 5ка во дневник или за диплома од натпревар – сака да ги проучува надвор од дадената програма на училиште, како што тој вели „од чиста љубопитност и возбудата да разбере повеќе за светот“, па веќе почнал да учи и органска хемија на своја рака. Освен тоа, Васко многу сака да црта. Од него ги дознав најдобрите места во Скопје кадешто може да се релаксираш и да твориш – нему најомилено му е Водно, некаде со добар поглед на Скопје и место за пикник. Иако важен фактор за максимално уживање според него е последната недела од училишната година, или почетокот на летото бидејќи тогаш е „најлабаво“, сепак најважно му е да биде таму со друштво.
Во видеото од третиот круг, Васко беше седнат пред платно во неговата соба. На почетокот објасни што точно ќе прави во текот на видеото и како тоа соодветствува со работите што ни ги раскажува – додека ја боеше позадината ни кажуваше основни факти за неговиот живот, па во вториот дел ни кажа повеќе за неговите интереси, а со завршните детали во сликањето ни кажа планови за иднината. Ова видео ми покажа колку намера има позади секој чекор што Васко го прави. Но, токму кога мислев дека знаев сѐ за неговото видео, тој ни откри дека инспирацијата за конкретната слика е фотографија од Дојран, каде уште од мал поминувал многу време преку лето со неговото семејство во куќата на баба му. Семејството и Дојран имаат посебно место во неговото срце, па она што го наслика во видеото ѝ го подарил на баба му.
„Позитивниот хаос“, што си дозволив да го наречам така, се однесува токму на сестраноста на Васко. Кога зборува за нешто, не се фокусира само на најпредвидливите делови, туку дава увид во целосниот процес, што има смисла кога ќе го ислушате. Па така, кога готви или слика, вели дека мора да имаме трпение за чекање, но ја истакнува и убавата страна на тие навидум досадни делови – „всушност уживам во чекањето, бидејќи ми дава шанса да го ценам крајниот резултат повеќе“, рече Васко. Ако некогаш се најдете во муабет со Васко, има многу што може да научите од и за него, а верувајте и дека истото ќе го возврати учејќи за и од вас.
П.С. Ако сте фан на Conan Gray, дефинитивно морате да го исконтактирате (официјална молба од Васко).
Јана Кралева
Август, 2024