Премини на содржината ↓

Теона Цоневска

2 September 2022

сака да биде весела

За некој специјален настан, класната раководителка на Теона предложила интересна вежба: учениците требало да напишат по нешто убаво за секој од нивните врсници, за сите да видат колку се ценети. Пораките кои Теона ги добила може да се сумираат со два збора: “сончев зрак“. 

Теона блеска со позитивна енергија, на начин што едноставно не ти дозволува да бидеш намуртен. Нејзината отвореност лесно се познавa. Дури и две-годишниот ѝ внук – синот на нејзината сестра – најмногу сака да си игра со неа. Ја нарекува Тона. 

Заради леснотијата со која се носи, Теона се вклопува во најразлични средини. Првите две години од средно образование ги поминува во Раде Јовчевски - Корчагин, со група на пријатели кои ги опишува како “креативни и опуштени.“ Следната година се префрла во Орце Николов, каде пријателите ѝ се “дисциплинирани – секогаш со нешто за организирање“. Одржува блиски врски со двете групи – секако, и двете ќе бидат поканети на забава пред да лета за Индија. 

Нормално е дека Теона не успева секогаш да биде весела. Често ѝ треба простор и време за себе, кога може да си ја наполни “социјалната батерија“. Во такви моменти ќе оди на прошетка на кеј, со слушалки во уши, или ќе земе волница и ќе почне да плете – со намера исплетениот производ, обично букет од плетени цветови, да го искористи како уникатен роденденски подарок за пријателите. 

Оптимизмот не ѝ користи само на лично ниво. Учествувајќи во дебати за феминизам во Младинскиот Образовен Форум, Теона лесно би можела да се обесхрабри заради фактот дека, со нејзини зборови, сме “далеку од пристигнување до крајната цел на родова еднаквост“. Но баш бидејќи може да види подобра опција – бидејќи верува дека “мојата генерација е таа што може да ја издигне Македонија како другите европски земји“ – Теона може да си дозволи доза на оптимизам. 

Теона во моментот чита книга за патник во Индија. Ѝ оставаат впечаток боите, шарите, и разновидноста кои се очигледни уште пред да стапне на кампусот. Едвај чека на UWC да продолжи да чита, па можеби во иднина да студира литература. А во меѓувреме, сигурен сум дека и на кампус бргу ќе почне да подарува плетени букети на многу нови пријатели.

 

Бобо, јули 2022