Емрах Јусуфоски
не сака да запре
Кандидатите кои ги запознаваме на првото интервју најчесто се срамежливи. Разбирливо е да ги фати трема – сепак, интервјуирани се од “Македонскиот национален комитет“ (името нè прави да звучиме пострашни од што сме; ви ветувам дека сме опуштена група луѓе), и без разлика колку често потенцираме дека само сакаме да ги запознаеме, на голем број од средношколците им е потребно малку време пред да се опуштат.
На Емрах не му требаше време за опуштање. За време на првото интервју, почна да зборува од моментот кога се приклучи на Зум. Почна да одговара прашања кои уште не ги бевме прашале, кои немавме намера да ги прашаме, и кои – во еден момент – самиот себе си ги постави. Кога тој забележа дека еден интервјуер уште му немаше поставено прашање, Емрах скоро и да го прекина интервјуто и го покани интервјуерот да се вклучи. Сакаше да се осигура дека сите имаат шанса да придонесат.
Муабет со Емрах е авантура; адреналински пат со тркачка кола во која тој е возачот а вие сте сопатник кој едвај чека да го искуси следниот пресврт. Секој момент – секоја нова тема – е причина Емрах да продолжи да размислува. Постојано, без престан, Емрах брза, се трка со споствените мисли. Ќе се напие сок, и ќе помисли: сокот е толку добар, ме интересира колку шеќер има во него? Корисно е да ги знаеме состојките за да можеме да донесуваме здрави одлуки… Дали има стандардизиран начин за набројување состојки? Можеби треба да има организација што тоа го регулира. Можеби јас треба да ја започнам организацијата? И така сè до крајот на денот.
Емрах му приоѓа на животот трчајќи кон своите цели, не дозволувајќи да помине момент на беспотребна тишина. Трча да организира поетска вечер во „Орце“, да напише текст за својот блог, да направи распоред за часовите на UWC, да испланира настани за УНИЦЕФ, па дури и неколкупати да ми прати потсетник да го завршам овој профил.
Успева да ја пронајде сета оваа енергија бидејќи има строг распоред. Се буди во 5 часот наутро за да медитира, а навечер зема време за себе и ги запишува своите мисли, идеи и цели. Тоа е и клучниот дел: целите на кои Емрах постојано се навраќа. Тие вклучуваат организација на младински настани (✓), влез на UWC (✓), и – во иднина – борба за подобар свет.
Би му посакал среќа на колеџот во Дилиџан. Но, Емрах не е љубител на зборови како „можеби“, „ако“, или „доколку“, бидејќи мисли дека оставаат простор неговите планови да не се остварат. А ако било што научив, тоа е дека Емрах нема намера нешто такво да дозволи.
Бобо, Јули 2022