Премини на содржината ↓

Јана

15 July 2021

и како да се припаѓа на едно место

Јана дотрча пред статуата на Св. Климент на охридскиот плоштад некои 15 минути откако успешно го положи првиот дел од возачкиот испит. Задоцнила на полигонот бидејќи претходната ноќ ја чистела работната кошула, која ја носи како келнерка, откако на неа истурила цеден сок од портокал. Кога инструкторот, веќе пристигнат на полигон, сфатил дека Јана ја нема, се јавил на вујко ѝ, кој и заѕвонил на мајка ѝ, која ја барала Јана -- која, секако, била целосно заспана. Затоа, мајка ѝ се јавила на фината и грижлива комшика која ѕвонела на ѕвончето и тропала на вратата додека Јана конечно не се разбудила за да стигне на полигон и да положи. 

Африканската поговорка вели “потребно е цело село да се израсне дете“, а “селото“ на Јана е градот Охрид -- место со долга историја и место на УНЕСКО листата на светски културни и природни наследства. Јана е Охриѓанка која навистина го познава родниот град. За време на 45-минутната прошетка, Јана запре да се поздрави со барем седум различни луѓе, шегувајќи се дека тоа се случува бидејќи го има пробано секој можен спортски клуб во околината. Кога спортот не е доволен, Јана знае да биде гитаристка и рокерка, готвач кој ги прави најдобрите палачинки во Охрид, креатор на дело насловено “уште еден филм од режисерка кој нема да биде номиниран за Оскар“ и -- доколку се сомневавте во нејзиниот охридски кредибилитет -- има земено и часови за риболов. Толку добро го познава Охрид што сега вози велосипед околу целото езеро само за да најде нов агол од кој може да го види градот.

    Нормално, кога познаваш едно место толку добро како Јана, почнуваш да воочуваш и некои од неговите маани. Дел од нив ги кажува на шега -- ме советуваше дека Оригиналните охридски бисери обично не се оригинални, ама жителите добиваат процент од продажбите за да не им кажуваат на туристи. Дел се суштински -- добар дел од Охриѓани се селат, па дури и брат ѝ на Јана сега живее и работи во Скопје и само понекогаш се враќа да го абсорбира мирот на езерото. Жителите што остануваат се соочуваат со недостаток на работни места и ризик за загуба на природното наследство.

    Јана нема решено точно како планира да ги реши проблемиве, ама има размислено за неколку опции. Прво помислила на медицина, ама образованието во UWC Ватерфорд ќе го започне во јануари (колеџот се наоѓа во јужната хемисфера), па ќе има 20 години кога ќе заврши со искуството и доста повеќе кога би станала доктор. Размислила и за инженерство -- можеби нешто со градежништво, слично на брат ѝ. Но јас бев највоодушевен од нејзината идеја да навлезе во светот на готвењето. Јана има забележано дека нови ресторани понекогаш се појавуваат низ Охрид, но мисли дека тие често не успеваат да ја опфатат авентичноста на градот. Затоа, би сакала да зборува со бабите во нејзината заедница, па да создаде еден Охридски ресторан со локална книга со рецепти. Можеби и ќе вметне некои идеи и од кујната во Есватини.

Бидејќи има цело полугодие до почетокот на нејзиното UWC искуство, Јана досега немаше шанса да избере предмети или да ги запознае идните соученици. Мислам дека тоа е во ред; ќе има доволно време да се внесе во UWC меурчето зимава. Дотогаш, има шанса конечно да го види Охрид со нови очи -- знаејќи дека наскоро ќе замине, но решена да се врати.
 

Бобо Станковиќ, јули 2021