Ивана Цветаноска
UWC Мостар, 2021-2023
Здраво дечки! Какво изненадување, уште една Ивана годинава 🙂
Досега ученичка во скопската гимназија Корчагин, а од септември на UWC Мостар. Морам да признаам дека колеџот локациски многу ми се погоди, пред се бидејќи од огромен интерес ми е проучувањето на алтернативната култура што проникнала од екс-ју просторите, а неизбежно е да ја споменам и самата историја и потеклото на конфликтите кои настанале овде.
Моите интереси ќе ги опишам како спектар кој почнува од уметничка фотографија, преминува на готвење (исклучиво само зеленчук) и се движи се до функцијата на човековите органски системи и архитектура. Најчесто ќе ме сретнете како со велосипедот и апаратот се развозувам од еден до друг крај на Скопје, проучувајќи го секое негово затскриено ќоше, или пак како волонтирам на некој филмски фестивал (or way to many of them heh).
Кога би било возможно да имам некаква супер моќ, несомнено би избрала во исто време да можам да бидам на повеќе места.
Звучи како клише, но многу ме исполнува и музиката. Обожавам да ги визуелизирам нејзините мелодии и да ги преточувам во слики. Во ова поле обожавам експерименталност, па слушам се од џез до пост-панк, се од психоделија до synth-wave...
Себеси не можам да се опишам во целост, пред се бидејќи постојано правам нешто ново и секој месец ми е различна авантура. На to do листата, следно ми е да научам да правам коктели и да прочитам нешто од Ноам Чомски.
UWC е предизвик кој со нетрпение го чекам и се надевам ќе ми биде отскочна даска во моето понатамошно себе-пронаоѓање. На мојата возбуда за претстојните искуства во Мостар ѝ нема крај!