Премини на содржината ↓

Ана-Марија

5 July 2021

и тешко заслужените насмевки

Знам дека ова го кажуваме за сите наши ученици, ама во овој случај е ептен точно: да се разговара со Ана Марија е како да се разговара со возрасен. Секогаш кога ќе направам некоја самокритична шега за сите глупави нешта што сум ги правел на UWC кога сум бил на нејзина возраст, таа одмавнува со рака. Е ааааако де, млад си бил, ќе ми рече. Не сум сигурен дека себеси се смета за млада, барем не во онаа надмена смисла на зборот. Прилично сум сигурен дека е во право.

Речиси низ целиот наш разговор, Ана Марија има неутрален израз на лицето. Не знам дали секогаш ѝ е вакво, но сакам да верувам дека ѝ е. Ова не значи дека таа никогаш не се смее, туку дека секоја нејзина насмевка треба да се заслужи (како што реков, не е дете!). Значи и дека не се чувствува непријатно, што исто така ја разликува од повеќето од нас, било деца било возрасни. Ана Марија просто не чувствува потреба да го „хајпне“ разговорот. Таа сака нештата да течат по својот тек.

А сепак, во еден момент, додека Ивана ни раскажува нешто, Ана Марија ја чека да заврши и одеднаш гласно заклучува: „Ивана, ти си неверојатна личност!“. Да, ваквата топлина кај Ана Марија треба да се заслужи. Што ја прави уште помоќна кога конечно ќе исплива на површина.

За време на селекцискиот процес, Ана Марија беше од оние (ретки) апликанти кои се толку лесни за оценување, а толку тешки за интервјуирање.

„Ана Марија, кажи ми, кога би можела да го предаваш својот омилен предмет, кој предмет би го предавала?“

„Не е важно кој предмет, туку како би го предавала“. 

„Хммм ОК, а кажи ми, дали во скоро време имаш гледано некоја серија што не ти се допаднала?“

„Не е важно дали не ми се допаднала, туку зошто. Прво мораме да утврдиме дали сум имала објективен проблем со серијата, или едноставно не ми била по вкус.“

„Хммм, е па добро...“

Да, јасно ви е што сакам да кажам. Меѓутоа, да не се разбереме погрешно, Ана Марија не ги избегнуваше нашите прашања, туку ги проблематизираше, а такво нешто добиваме само од нашите најсилни апликанти. Да го земеме за пример одговорот за омилен предмет, кој всушност гласеше отприлика вака:

„Не е важно што би предавала, туку како. Без оглед на предметот, би им дала на учениците прво тие да зборуваат и да го изразат сето она што погрешно го научиле, за потоа заедно да го побиеме. Нема логика да се предава ако не е воспоставена цврста основа.“
Додека ги слушав нејзините интервјуа, сфатив дека Ана Марија е човек што успева да каже повеќе со зборување одошто повеќето луѓе успеваат со пишување. Секој нејзин збор е одмерен, секоја реченица заслужува да биде цитирана. Еве што Ана Марија има да каже за... па, за животот: „Ништо не *мораме* да правиме, тоа е и поентата. Прашањето е што сакаме да правиме, што бираме да правиме, за што сме пасионирани. На тоа треба да се фокусираме“.

Ана Марија ќе оди на UWC Li Po Chun во Хонгконг. Тоа е воедно и првиот UWC колеџ за кој имала прочитано нешто, па изгледа ѝ бил судбина (макар што таа никогаш не би кажала вакво клише, овој дел го додадов јас). Ана Марија слуша корејски поп, па дури и зборува малку корејски – секако, откако сама се научила. 

Последниве две години, Ана Марија го поминува времето помеѓу Македонија и Хрватска, откако нејзините се иселиле таму по работа. Кога е во Скопје, таа живее со баба ѝ и дедо ѝ (можам само да замислам како тоа изгледа, со оглед дека Ана Марија користи барем по еден англиски збор во секоја реченица). Ана Марија делува толку самостојно што барем за неа не се двоумевме ни секунда дали да ја испратиме на другата страна на светот. Таа вели дека веќе знае (иако сите велевме така, а сепак...) што сака да студира (меѓународна бизнис-дипломатија), па дури и кои предмети треба да ги слуша од Меѓународната матура за да успее во тоа.

Понекогаш, Ана Марија звучи како некој што човек навистина не би се осмелил да го изнервира. Секогаш кога зборува за општествени прашања, таа звучи вознемирено. Но, тогаш ќе ја загледаш поубаво и ќе видиш како ѝ светкаат очите. И веднаш сфаќаш дека Ана Марија е човек што може цел живот да го помине на исправање неправди, а сепак да биде среќна. И тоа среќна баш затоа што го одбрала потешкиот пат низ животот. Па, има ли подобро место за ова од UWC? 
 

 

Кристијан Фидановски, јули 2021