Премини на содржината ↓

Емира Хусовиќ

2 September 2022

е спремна да ти помогне

Емира знае како е да се сомневаш во себе. Израсната во Тузла, Босна и Херцеговина, Емира се сели во Велес неполн месец пред да го почне средното образование. Иако била возбудена што ќе живее поблиску до брат ѝ и сестра ѝ, таква голема преселба секому би му била тешка – а особено на 14-годишна средношколка. На почетокот, “не се ценела себеси“, и често се чувствувала како ништо да не ѝ успева. 

Патешествието кон повисока самоувереност произлегло, највеќе, од желбата да се спријатели. Во новото одделение во Кочо Рацин, Емира бргу била добредојдена и прифатена. Но, со желба уште подобро да го осознае „новиот“ Велес, таа се впуштила во сите активности кои ѝ биле достапни. Се пријавувала да волонтира во Црвениот крст, да присуствува на работилници, или да се придружи на прошетка или кафе, сè со намера подобро да ги запознае врсниците. Така, бргу се запознала и со луѓето околу неа, и со некои од проблемите со кои се соочуваат.

Емира, пред се, сака да помогне да ги реши тие проблеми. Шетајќи се низ Велес, постојано со некој се поздравува – со други средношколци, со кои прави муабет за работата на средношколскиот сојуз (каде е потпретседател), со волонтери од Црвен Крст, со кои дискутира идни акции, па и со пријатели од околината, со кои муабети за љубов, филмови и музика. Бидејќи знае што им е на ум на луѓето околу неа, лесно нуди предлози за потребни реформи. За да се подобри образованието во Велес, на примери, предлага пристап до практична настава (како лаборатории), стипендии за понатамошно образование, и можност за вистински ученички активизам.

Не сакам да помислите дека сега сè ѝ оди. Напротив. Изминатите неколку години се секако полни со број препреки и иницијативи кои не успеале. И лани аплицирала за UWC, но разочарувачки не добила покана за финалното интервју. Но баш бидејќи ги има видено двата исходи – бидејќи го искусила чувството на сомнеж и неуспех, како и чувството на успешно-реализиран план – Емира знае дека, со доволно верба во себе, навистина може да успее. 

Во иднина, би сакала да биде форензички научник. Мисли дека тоа е добра комбинација на нејзините интереси за биохемија и загатки. Во меѓувреме, за некоја недела ќе се придружи на уште еден велешанец – Марко – на UWC колеџот во Танзанија. Сигурен сум дека и таму желбата за помагање бргу ќе ја направи клучен дел од кампусот.

Бобо, Јули, 2022