Премини на содржината ↓

Андреа Милошевска

2 September 2022

цени заедништво

Попладнето на 3 јануари 2022, се најдов себеси зборувајќи за подоцнежните политички дела на Ноам Чомски. Oва не ми беше планот за првиот ден на интервјуа од (онлајн) селекцискиот камп. Андреа, кандидатката на другата страна на Зум повикот, ми приреди необично изненадување: во ден веќе преполн со над десетина интервјуа и групни дискусии, таа се издвои – ја насочи дискусијата кон анализа на геополитичкиот поредок. Имајќи го прочитано нејзиниот одличен есеј за системи за заемна помош, ова беше очекувано – Андреа студиозно чита за општествено-политички теми и има изградено нестандардно нијансиран и реалистичен светоглед. 

Попладнето на 23 јули, повторно зборував со Андреа (но овојпат лично во Скопје) и веројатно благодарение на беспрекорното јулско време, разговорот се сврте кон музика. Андреа како музичар е самоука – самостојно совладала гитара и бас и ги свири веќе 3 години. Почнувајќи од “Should I Stay or Should I Go” како првата песна која научила да ја изведе, до нејзиниот денешен афинитет кон пост панк, Југословенски рок, џез и инди фолк, до аспирацијата да научи тапан и повеќе музичка теорија – душата на Андреа е составена од музички ноти. Својствено за неа, ова хоби го проширува и во критичките води – често слуша албуми и пишува рецензии за нив!

Некомплетна би била сликата за Андреа доколку не ја доловам љубезноста и добрината со која таа пристапува кон другите во нејзиниот живот. Даваше одлични одговори на интервјуата, но нас не’ прашуваше уште подобри прашања. Обожава да свири бас, но изразува дека е музичарот кој е денес благодарение на поддршката од татко ѝ и караоке-придружбата на мајка и’. Баба и’ патувала до Скопје за да ја чува како мала, но сега Андреа се грижи за неа. Дури и во разговор за емпатија и добрина, Андреа го истакнува нејзиниот помлад брат како олицетворение. 

Тука е клучниот момент во разбирањето на Андреа – таа ги цени другите и вреднува заедништво на лично и системско ниво. Лично, таа е дружељубива, сослушува и почитува; дури и музиката (практика втемелена во заедништво) спаѓа тука – таа претставува катализатор за нејзината врска со семејството. На системско ниво, Андреа цени структурна човечност и заедништво, вреднувајќи политики кои го одржуваат достоинството и благосостојбата на заедницата – оттука произлегуваат нејзиниот исклучителен есеј за заемна помош како организациски концепт и критики кон консумеризмот. Затоа ме радува нејзината претстојна авантура на UWC – две години ќе биде дел од блиска заедница, а цел живот ќе биде дел од движење насочено кон системска промена. 

Илија Личковски, Август 2022