Премини на содржината ↓

Ана Јованова

2 September 2022

сака да биде непромислена

При крајот на јануари, сите кандидати поканети на последното интервју на UWC ни испратија три-минутно видео насловено “Ова сум јас.“ Ана Јованова ни понуди црно-бела приказна – како старински филм, со музичка придружба – во кое не кажува на глас ниту еден збор. Повеќето активности кои ни ги покажа, од дружба со домашните миленичиња до долгата листа прочитани книги, се самостојни. Не инволвираат други луѓе.

Во февруари, за време на финалното интервју, Ана ми делуваше срамежливо. Зборуваше со тивок тон и, откако ќе го чуеше прашањето, често погледнуваше настрана. Како да земаше воздух, момент да размисли, пред да прозбори. Одговорите кои ги нудеше очигледно беа промислени, извагани, спремни за достава. Со нејзини зборови, како “сè да ѝ беше под знак прашалник.“

Во јули, по неколку навистина исполнети месеци – во кои дозна дека ќе биде дел од UWC Ли По Чун во Хонгконг – Ана ми остави различен впечаток. Го започна разговорот со слобода која ја немав претходно забележано. Ми раскажуваше за скорешните авантури, и како во последно време ужива да оди во парк и едноставно да запознава. Да прави муабет, спонтано, со најразлични луѓе, смеејќи се кога нешто ќе згреши. Да пешачи до врвот на Водно, без план или осет за време. Најдобрата другарка ја “заеб… зафркава“ дека почнала да го запознава цело Скопје.

Ана се нема комплетно трансформирано. Напротив, сè уште внимателно прави планови. Знае дека, заради временската разлика меѓу Хонгконг и Скопје, ќе се слуша со родителите околу 3 попладне, откако ќе заврши со часови но пред тие тргнат на работа. Внимателно ја има истражено политичката ситуација во Хонгконг, и подготвено ја опишува врската меѓу Кина и власта во Хонгконг. Веќе има и конкретни идеи како да го подобри кампусот кој уште го нема видено (вклучувајќи план за претворање недоизедена храна во ѓубриво).

Некако, сегашната Ана успева да биде промислено непромислена. Спремна е, во договор со соучениците, да го гледа Светското првенство во 4 наутро – но испланирала и како ќе им објасни на професорите. (Љубовта за фудбал, инаку,  ѝ почнува со Барселона, неколку месеци пред познатиот пораз од 8-2 против Баерн.) 

Teшко е однапред да се “испланира“ едно UWC искуство. Но, со новопронајденава спонтаност, Ана можеби и нема да има потреба за план.

Јули, 2022