Премини на содржината ↓

Марко

9 July 2021

и анализа на повеќе нивоа

Во 2000-та година, Мајк Андерсон бил уапсен и обвинет за грабеж на ресторан за брза храна. По плаќање на кауцијата, тој бил условно ослободен додека ја чекал судската одлука. Неколку месеци подоцна, Андерсон бил осуден на 13-годишна казна затвор, но поради техничка грешка, државната администрација верувала дека тој веќе бил во притвор. Затоа, немало никаков обид од страна на полицијата Андерсон повторно да биде уапсен, и тој ги поминал следните 13 години живеејќи го животот како рехабилитиран човек: се венчал, основал бизнис, гласал и никогаш повторно не го прекршил законот. На крајот на казната, кога Андерсон требало да биде “ослободен“, државата сфатила дека воопшто не бил во затвор, и оттука произлегло прашањето: што треба сега да се случи? 

Марко -- седумнаесетгодишен Велешанец, дебатер, и љубител на правото -- можеше да ја расклопува оваа етичка дилема со часови. Од аспект на рехабилитација, системот очигледно ја има постигнато својата цел. Од аспект на трошоци за државата, контрапродуктивно би било Андерсон сега да оди во затвор. Од аспект на ретрибуција, баш се сомнева дека жртвата би сакала Андерсон да оди во затвор една деценија по грабежот. Муабетот со Марко секогаш се случува на повеќе нивоа, гледајќи низ неколку призми, секогаш обрнувајќи внимание на неколкуте страни во дискусијата. Само откако од сите аспекти ќе ја разгледаме ситуацијата, можеме да дојдеме до заклучок дека целта на правниот систем веќе била исполнета во случајов. И за време на обичен кафе-муабет, Марко гради целосни аргументи.

    Не успеав да најдам тема за која Марко беше неподготвен промислено да ми одговори, иако, верувајте, навистина се обидов. И работи кои не би очекувале да ги знае -- кои нема причина да ги знае -- Марко може опуштено да ги понуди низ разговор. Знаевте ли, на пример, дека неговото презиме, Инѓилизов, веројатно доаѓа од селото Ингилизово, Солунско, така наречено по неговиот некогашен сопственик, по потекло Англичанец? Ни јас не знаев, ама Марко имаше изведено едно (за него карактеристично) историско истражување: почнал со разговор со другите Инѓилизови, па преминал на документи од МАНУ, па се потпрел и на извори на интернет. Сето тоа бидејќи, едноставно, го интересирало.

    Шетајќи низ паркот во Велес -- што тој добро го познава, бидејќи таму тренирал ракомет, трчал, а и скршил ребро или две -- почнав да разбирам дека местото како да не е доволно големо за Марко. Не е дека тој не е поврзан со Велес; напротив, коментираше за чувството на припадност и на поддршка што го чувствува во неговата заедница. Сепак,  еден брз преглед на неговите успеси ни укажува дека Марко расте пребрзо за неговото моментално опкружување. Неодамна победи на симулација на парламентарна дискусија, по што доби честитки од претседателот на Собранието. Некој месец претходно, освои сребро на Евроквизија и, како резултат, се сретна со амбасадорот на ЕУ. Во истиот период, се пласираше во финалето на Националното дебатно првенство (по што немаше средби со важни личности, освен што јас наминав до Велес на муабет). 

    За еден месец, Марко ќе биде првиот македонски претставник на колеџот во Танзанија. Немам сомнеж дека ќе остави силен впечаток, најмногу бидејќи тоа веќе го има направено каде и да отишол. Георгина, која дебатираше со него, ми опиша колку лесно било да работат заедно. Ивана, која се соочила со него на натпревар, спомна дека дури и судиите ги оставил без зборови. А искрено, возејќи назад кон Скопје, и јас си помислив колку би било убаво -- за Велес, за правниот систем, па и за луѓето како Мајк Андерсон -- Марко да си ја оствари целта да придонесе кон својата заедница. 

 

Бобо Станковиќ, јуни 2021