Премини на содржината ↓

Бернарда

9 July 2021

и како да се избегнат случајности

Околу 18:40, дваесетина минути пред закажаниот почеток на една од инфо-сесиите за овогодишниот селекциски процес, добив мејл од Зум. Бернарда Малевска се придружи на твојот состанок. Сакајќи да избегне каков било проблем -- и да се осигура дека се’ оди по план -- Бернарда го тестираше линкот долго пред да започне сесијата.

Неколку недели подоцна, откако веќе беше избрана, наидов на Бернарда на Националното дебатно првенство (јас обсервирав - таа учествуваше). Бев доста изненаден: за време на нејзините интервјуа, таа ни немаше спомнато ништо за дебата, а сега ја слушав како се натпреварува во полуфиналето на турнирот, и тоа во нејзината прва година дебатирање. И како тоа да не беше доволно, тимот на Бернарда се состоеше од само два члена, иако сите нивни противници имаа по три. (Изгубија во полуфиналето, но јас мислам дека тоа беше само затоа што двајца членови на спротивниот тим исто така беа избрани да одат на UWC).

Како ѝ успева сево ова? Накратко, не ѝ недостасува подготовка. За време на нашата прошетка во Парк -- на која јас поранив 6-7 минути само за да видам дека Бернарда е веќе пристигната -- детално ми ги објасни аргументите за укинување на патентите за вакцини против Ковид-19 (по што веднаш ми ги понуди и контрааргументите). Бернарда очигледно имаше истражувано; или, со нејзини зборови, едноставно сакам да знам. Можеби тоа го добила од разговорите со татко ѝ, кого ужива да го слуша кога ѝ зборува за историја, или мајка ѝ, која ентузијастично ѝ го поддржувала новиот интерес да научи да свири клавир. Се согласивме дека татко ѝ би бил подобар тренер по дебата, а мајка ѝ би била подобра наставничка на UWC.

Веројатно полето врз кое Бернарда има најмалку контрола е спортот. Таа е огромен фан -- започнала да следи тенис со татко ѝ, па тренирала одбојка осум години (факт кој не ми го спомна додека конкретно не ја запрашав). Во моментот е една од веројатно десетина Македонци кои активно следат Американски фудбал. Како голем фан на Патрик Махоумс, сигурно не беше воодушевена кога Chiefs изгубија од Buccaneers во финалето на Super Bowl, особено бидејќи најдобриот ѝ другар мисли дека Брејди е подобар играч. Ако моравте да изгуглате дел од параграфов, можете да замислите како јас се чувствував за време на прошетката! 

Бернарда дозна дека ќе оди на UWC Robert Bosch College на нејзниот роденден. За малку и немало да ја крене слушалката кога ѝ заѕвонивме -- рацете и биле полни со намирници за малата дружба која ја испланирала. Возбудена е да ги види алпаките и овците, веќе ги има избрано предметите, и ме распрашуваше за моето искуство. Најкорисниот совет што го понудив беше да внимава околу електричната ограда, иако мислам дека е премногу зрела за да ги повтори моите грешки.

На првиот ден во „Орце Николов“, Бернарда не знаела никого во нејзиниот клас. Ама не е човек што чека добрите работи сами да се случат. Па, ѝ пришла на една девојка, ја прашала сакаш ли да седиш со мене?, и го започнала своето прво средношколско пријателство. Немам сомнеж дека истото ќе го направи и во Фрајбург во август.
 

Бобо Станковиќ, јуни 2021