Премини на содржината ↓

Ентузијазам

21 July 2020

Филип Гошевски, Холандија

Филип е полн со ентузијазам. 

Кога го прашав за неговото идно средно училиште -- колеџот во Мастрихт, Холандија -- очите широко му се отворија. На последното интервју во селекцискиот процес, кандидатите обично имаат идеја на кој колеџ би сакале да одат. Обично знаат дали колеџот е во урбана или рурална средина, и отприлика знаат кои предмети би сакале да ги изберат. Но, ентузијазмот на Филип беше различен. Тој знаеше дека сака да оди токму во Мастрихт, спомнувајќи ги воншколските активности за помагање на заедницата (Филип има работено со Црвениот Крст), нивните проектни недели фокусирани на општествено претприемништво, и најразличните студентски конференции организирани од учениците на колеџот. 

Неговата пасија не е фокусирана само на Светските Обединети Колеџи. Напротив, Филип сесрдно е ангажиран во Смојмирово, село близу Берово, кадешто има израснато. Го опишува Смојмирово како “многу, многу, многу, многу мало место“, каде “сите се знаат со сите“. Но, тоа не го спречило активно да се натпреварува во природните науки. Всушност, дури и во моменти кога возрасните околу него не му понудиле поддршка -- се случувало да му кажат „немој толку да учиш, оди излези да се одмориш“ -- Филип успеал да го одржи својот ентузијазам. Уште во шестто одделение стигнал на државен натпревар по биологија, со што ја започнал долгата врска со природните науки. 

“Апсолутно сум фасциниран oд начинот на функционирање на човековото тело.“ Искуството со природните науки го мотивира Филип во иднина да студира медицина. Повторно, со глас полн радост, ми кажа како веќе се спрема за новата академска програма. Вежба германски јазик, и да беше возможно, ќе земеше четири (наместо три) предмети на високо ниво: хемија, биологија, англиски и германски. Во текот на разговорот, Филип лесно вметнува идеи и личности за кои прочитал. Ми кажа за Џон Адлер, неврохирург на универзитетот Станфорд, како пример за можен патопис на сопствената иднина. 

Како и секој средношколец, Филип понекогаш не е сигурен. „Не знам со кого ќе се дружам, не знам со кого ќе се запознам -- сите имаме вакви стравови.“ Но, начинот на кој отворено зборува за несигурностите, заедно со многуте планови кои Филип веќе ги има направено, е знак дека неговото искуство на колеџот во Мастрихт ќе биде исполнето со раст. Таква раст е потребна, ми кажа тој, за да се подобри локалната заедница. „Ако сакаш да ја поправиш ситуацијата, треба да излезеш надвор, да научиш, па да се вратиш и да го примениш тоа.“ 

При крајот на нашиот разговор, го прашав дали нешто сум пропуштил. Карактеристично за него, Филип веднаш имаше одговор: “Сакам психологија, и убиства… Не, не, не сакам убиства! Ме интересира психологијата зад убијци -- ме чуди како некој може свесно да повреди други, а да не се чувствува лошо.