Премини на содржината ↓

Комуникација

21 July 2020

Марија Јанева, Норвешка

Марија верува во моќта на комуникацијата.

„Не е до колку комплексни зборови користиш, или колку ти е долга реченицата“ ми кажа Марија, со нејзиниот типичен аналитички пристап. Минатата година, нејзиниот тим победи на националното дебатно првенство. Тој успех како да не ѝ беше доволен, па годинава, повторно се натпреваруваше. На 18-ти јуни, Марија беше прогласена за најдобар средношколски говорник во државата. 

Раснејќи, 17-годишната дебатерка сакала да се ангажира во заедницата. За жал, контекстот некогаш не ѝ дозволувал. „Ме фрустрираше кога ќе видев дека треба да имаш 18 години, или да бидеш во средно -- си велев ‘уф, зошто не можам јас ова да го правам.’” Инволвираноста ја продолжува низ средното образование: „Тука си ги формирав ставовите, и тука започна мојот карактерен развој.“ Поради овие искуства, Марија е фантастичен соговорник: зборувавме за теми од исландскиот еп кој моментално го чита, до придобивките на практикување јога. 

Марија годинава беше асистент-предавач на дебата во Младинскиот Образовен Форум (МОФ), и би сакала да продолжи со активноста во колеџот во Норвешка. „Кога тргнав, си тргнав од мерак… Секоја воншколска активност што сум ја почнала била од мерак, нешто што сум сакала да направам за себе.“ Иако на МОФ се придружила заради дебатата, останала заради луѓето, кои ѝ помогнале да согледа дека има многу други млади кои мислат како неа. 

Но, за неа има разлика помеѓу мисла и комуникација. Токму затоа ја влечат музичари и автори кои лесно комуницираат. Раперот Кендрик Ламар, на пример, „знае да постигне низ чил песна да ти ја пренесе поентата и ти да ја сфатиш, а да не се чувствуваш како да те напаѓа.” Во дискусија за „Да се убие птица подбивница“ („To kill a Mockingbird”) ми рече дека „многу луѓе размислуваат правилно. Ама како ќе го искажеш тоа е веќе вештина. Можеби јас ги делам мислењата со Харпер Ли, ама не би знаела така да ја срочам поентата на книгата. Тоа е многу убава вештина -- да искажат нешто и да го доловат кај други.“ Секако, Марија не спомна дека самата ја има способноста јасно да комуницира, иако судиите на дебатното првенство тоа брзо го согледаа.

Норвешките конзултати уште не процесираат визи, и Марија не е сигурна кога точно ќе добие дозвола да лета кон нејзиниот колеџ. Сепак, спремна е за повеќе алтернативи. „Многу потекнува од желбата да имам повеќе планови. Не сум човек кој робува на рутина, ама немам планови А, Б, В..., туку планови од А до Ш.“ Веќе има одбрано и предмети: на високо ниво ќе земе Глобална политика, Историја и Англиска литература. Знае дека нема да биде лесно, ама „ако гледаш така, се е предизвик. Не можам да бегам од тешките предмети… Не сакам бидејќи ме мрзело да учам малку повеќе понатаму да бидам ограничена.“ 

Марија не е сигурна што ќе прави во иднина, но знае дека сака да помага. „Многу ми е важно да знам дека тоа што го правам е на некој начин корисно. Не сакам само да имам плата, да плаќам сметки и да го наполнам фрижидерот. Сакам на крајот на денот да имам моќ да направам промена… Да знам дека сум направила нешто со што други луѓе им е подобро.“